Царскиот рез сам по себе е доволно тешка операција, а ако на тоа се додаде и фактот дека покрај новороденчето, следува и сериозен процес на закрепнување, периодот по породувањето станува уште потежок физички и психички. Резот од интервенцијата е обично колку должината на средниот прст, но понекогаш може да биде подолг и се наоѓа веднаш над срамната коска.

За да може бебето да се роди со царски рез, потребно е да се исечат неколку слоеви ткиво пред лекарите да стигнат до бебето. По раѓањето доаѓа до шиење и спојување на слоевите, а тоа често е многу напорен процес и одзема време.

За да може мајката да биде будна за време на раѓањето на детето, најчесто се користи локалната анестезија при царскиот рез, но истовремено и за мајката да не чувствува болка при породувањето.

Лузна од царски рез

Лузната веројатно ќе биде исклучително болна и чувствителна во првите неколку дена, па комуникацијата со медицинскиот персонал во болницата е многу важна за да бидете подготвени за сè што ве очекува кога ќе ја напуштите болницата со вашето бебе. Проверете со нив што можете да правите, а што не, прашајте дали ви требаат одредени лекови и дали постои начин да си олесните.

Многу мајки споделиле искуство дека првиот пат кога станале од кревет по царски рез тоа било најболното нешто што им се случило. Но, од ден на ден болката полека се намалува, а вашето тело закрепнува и станува посилно со цел да се грижите за вашето малечко.

Кога ќе зарасне лузната?

Имајќи ги предвид сите слоеви што биле исечени и поместени, постојат многу фактори кои влијаат врз закрепнувањето. Иако самиот надворешен засек на кожата генерално заздравува во првите две недели по породувањето, на вашата матка ѝ треба многу подолго време за да закрепне. Засекот во матката обично заздравува помеѓу 6 и 12 недели по породувањето. Важно е да ги слушате упатствата на лекарот и да бидете внимателни во првите недели за да ги избегнете сите потенцијални компликации. Може да го изгубите чувството (осетот) во пределот на стомакот каде што е направен засекот, но чувството треба да се врати додека ткивата се регенерираат.

Како да се грижите за местото каде што е лузната?

Додека лузната е сѐ уште свежа и превиткана, важно е да не ја допирате, а медицинскиот персонал ќе се погрижи за неа. За да се поттикне побрзо заздравување во овој најчувствителен период, пожелно е резот постојано да биде што е можно посув. Ако можете да обезбедите стерилни услови, понекогаш им се препорачува на новите мајки да го остават засекот отворен на воздух, за подобро заздравување.

Кога завојот е отстранет и преврските повеќе не се потребни, доволно е да ја исчистите лузната со топла вода и да ја исушите со нежно тапкање со чиста хартија. Избегнувајте да користите крпа во оваа област како што би правеле за остатокот од вашето тело за да го спречите ризикот од пренесување на бактерии на свежа лузна. Откако ќе се искапете, оставете ја лузната изложена на воздух некое време за да се уверите дека добро се исушила. Не тријте ја лузната и избегнувајте облека што ве притиска на засекот.

Како да препознаете дека нешто не е во ред со лузната?

Понекогаш може да има одредени промени и инфекција на местото на инцизијата, а најчесто ќе ги препознаете по зголемено црвенило или оток во близина или на самиот засек, ако болката не стивнува, туку станува сѐ поинтензивна, а може да има и истекување од инцизијата, зголемено вагинално крвавење, појава на грутки или болка при мокрење. Ако забележите некој од овие симптоми по извршениот царски рез, веднаш контактирајте го вашиот лекар.

Понекогаш може да има мало отворање на засекот, што не е поврзано со инфекција, но ткивото на ова место е исклучително кревко и чувствително и со одредени напори може да пукне. Ризикот за ова е најголем во првите две недели по породувањето, а тогаш дефинитивно треба да бидете дополнително внимателни.

Зошто ве чеша лузната од царскиот рез?

Повеќето жени го доживуваат ова непријатно чувство во периодот на закрепнувањето од царскиот рез. Причините поради кои се јавува чешањето на лузната се речиси целосно безопасни и покажуваат дека процесот на заздравување е во тек. Како и со секоја друга рана што заздравува, чешањето е вообичаено и со оваа лузна. Во исто време, нервите во близина на засекот биле оштетени при породувањето и сега се исклучително чувствителни. Не можете да го избегнете чешањето, но важно е да се храните здраво и да пиете доволно течности, бидејќи тоа го забрзува заздравувањето. Секогаш одржувајте го местото на засекот чисто и суво и овој непријатен симптом треба да исчезне многу брзо. Ако ви стане неподносливо, обидете се да ставите ладна облога на резот неколку минути, па тоа ќе ви помогне.

Дали треба да се масира лузната?

Масирањето на лузната по царски рез има свои предности, но важно е ткивото целосно да се залечи пред да почнете со масажа на лузната. Масажата има повеќекратни придобивки, за почеток, тука е психолошкиот елемент за повторно прифаќање на вашето тело, бидејќи жените често чувствуваат одбивност кон лузната по породувањето со царски рез, а многумина сведочат дека долго време не можеле да ја допрат самата лузна и таа им предизвикувала непријатност. Од друга страна, редовната и нежна масажа сигурно ќе помогне да не се здебели лузната и да не се формираат атхезии. Масажата, исто така, го стимулира создавањето на колаген и ја зголемува циркулацијата на крвта низ ткивото, а со тоа го забрзува заздравувањето и ја намалува лузната.

Извор



912

X