Колку се чудни луѓето. Дали некогаш сте размислувале за тоа? Од денот кога ќе им се роди детето, тие се решени од него да направат независно суштество. Ако може тоа да се реши во рок од еден месец. А кога малку подлабоко ќе загребете под површината и ќе ја погледнете пошироката слика…

Некои ќе ви кажат да не дозволите детето да се теши на вашите гради и да го научите дека млекото е храна. И тоа ќе го прават додека си прават чај за да се опуштат и да можат да заспијат.

Ќе ви кажат да не лежите покрај детето кога ќе спие, а тие самите ќе лежат до својот партнер. Ќе ви објаснуваат дека вашето наскоро двегодишно дете е преголемо за да цица, а за појадок ќе си стават шолја кравјо млеко.

Тие јасно и гласно ќе ви кажат дека не треба да го нишате бебето за да спие, а потоа ќе ви предложат да купите скапи лулашки кои го прават токму она за што се создадени рацете на мајката и таткото – лулањето.

Луѓето, исто така, ќе ви кажат да го оставите детето да се смири самото кога плаче и е нервозно, а потоа ќе одат да го утешат својот пријател кој е тажен или разочаран.

Многумина ќе ви објаснат дека одговарањето на потребите на детето е всушност само ваша лоша навика која ви прави проблеми. И тоа ќе ви го кажат со цигара в рака.

Боже, што сѐ ќе ви кажат луѓето! Но, вие не сте „оние луѓе“. Вие сте тие чии инстинкти зборуваат гласно и јасно и одбиваат да бидат замолчени од таквите. Затоа што, дури и кога сме целосно исцрпени, знаеме дека плачот на бебето е негов начин да каже дека му требаме, а не некаков протест. Оти ​​ни е јасно дека кога нѐ бара во 3 часот наутро, тоа не е никаква манипулација.

Затоа што, дури и кога нѐ боли грбот од нишањето на детето за да заспие, знаеме колку брзо ќе поминат тие моменти. И знаеме дека кога ќе поминат, повторно би се согласиле на таа болка во грбот само за да се вратат тие денови.

Луѓето ни кажуваат, но ние знаеме. Знаеме што е навистина важно и знаеме дека треба само да им се насмееме и да им кажеме: Ви благодариме за советот, но ние ќе постапиме поинаку.

Извор



912

X