Имам желба да ја чуваме и да ја сакаме нашата убава планета Земја. И сите, особено ние, децата, да бидеме здрави, среќни, весели и така постојано да ни минуваат дните, вели Љубица

Научник или космонаут сака да стане седумгодишната Љубица Андонова од Битола, која на меѓународниот натпревар „Вселенска уметност“, во организација на ЕААЕ (Европска асоцијација за астрономска едукација), освои прво место во конкуренција од 598 учесници од целиот свет. Таа преку дигитален цртеж ја претстави галаксијата Андромеда како фустан што го носи додека танцува како балерина.

Љубица е второ одделение во ОУ „Даме Груев“ во Битола, а ментор за цртежот ѝ беше наставничката Летка Степановска. Но, покрај интересот за цртање и природните науки, таа и многу убаво пишува, веќе има освоено прво место за песната „Марта Пакосница“ на Републичкиот литературен фестивал „Мали ѕвездички“ на Здружението „Златно перо“.

Љубица со сестра си

Што претставува вселената за тебе? Што ти е интересно кога гледаш кон небото?

Вселената за мене е темен, бескраен простор и ме привлекува да дознам повеќе за него. Честопати навечер се воодушевувам од различните форми на Месечината, кои се менуваат. Посакувам да ги забележам соѕвездијата за кои учиме дека можеме постојано да ги набљудуваме (Малата и Голема Мечка). А понекогаш небото ме привлекува со својата убавина од прекрасни бои, наречено виножито.

Од каде научи за галаксијата Андромеда?

Се интересирав која е соседна галаксија на нашата, па мајка ми, наставник по физика, ми објасни и ми покажа како изгледа таа. Исто така, ми раскажуваше дека со текот на времето, по многу години, Месечината сѐ повеќе ќе се оддалечува од Земјата, а галаксијата Андромеда ќе се приближува повеќе кон нас.

Дали имаш познавања од балетот бидејќи ја претстави Андромеда како фустан на балерина?

Го сакам балетот, им се восхитувам на балерините кога ги гледам колку убаво играат, но јас сѐ уште не сум го почувствувала тоа.
Нејзини цртежи објавени и во списанието „Росица“.

Беше ли тешко да се изработи дигиталниот цртеж? Имаш ли други вакви изработки?

За изработка на дигиталниот цртеж имав помош, но кога нешто многу се сака, се може, па така ја постигнав целта. Имам и други изработки, на пример, минатата година се натпреварував со дигитален цртеж на слободна тема и добив диплома за учество. Имам и неколку цртежи што ми беа објавени минатата година во списанието „Росица за прво одделение“, а и понатаму учествувам на разни конкурси.

Кога би можела да патуваш во вселената, каде би отишла?

Секако дека би сакала да патувам во вселената со вселенски брод за да ја задоволам мојата љубопитност. Посакувам да сум астронаут за да можам да истражувам дали постојат вонземјани. Ако има, како изгледаат, како живеат, дали се среќни. Би сакала да патувам до планетата Сатурн бидејќи ми е интересна поради прстените што ги има.

Што би сакала да бидеш кога ќе пораснеш?

Би сакала да бидам научник и да ги проучувам тајните на вселената. Но, исто така, ги обожавам животните и имам желба да им помагам, па затоа понекогаш посакувам да бидам и ветеринар. Всушност, имам многу желби.

Твори и песнички, а често ја посетува библиотеката

Кој ти е омилен предмет? Што сакаш најмногу да учиш?

Јас сум одлична ученичка и сѐ ме интересира. Омилен предмет ми е ликовно образование, а и природните науки, особено кога правиме експерименти. Исто така, сакам и да пеам и пишувам песнички. Оваа година освоив прво место на републички натпревар за поезија. Често ја посетувам и училишната библиотека, од каде што преку светот на книгата постојано ги збогатувам моите знаења.

Кога би можела, што би променила во светот?

Најпрво, имам желба да си ја чуваме и да си ја сакаме нашата убава планета Земја. И сите, особено ние, децата, да бидеме здрави, среќни, весели и така постојано да ни минуваат дните.

Фото: приватна архива



912

X