Игротека

Лошиот брак и несреќните деца во него

Никогаш не е „вистинско“ време за развод, а ако се прашувате на која возраст децата најлесно прифаќаат дека мама и тато повеќе не се сакаат и не се согласуваат, психологот и семејниот терапевт Бранислава Павловиќ вели дека тоа е најраното детство.

– Не треба да се заборави дека децата се многу понесреќни ако родителите им останат во лош брак. Разводот секогаш тешко се поднесува, па дури и кога родителите се разведуваат во зрели години. Постарите деца, исто така, тешко го поднесуваат, а особено бидејќи често родителите со години ја развлекуваат својата приказна и својот брак, многу повеќе отколку што би требало – предупредува Павловиќ.

– Јас не им верувам на оние што велат дека остануваат во брак поради децата. Тоа е само изговор. Ретко кога сум слушнала дека некоја млада личност рекла дека ја уништил разводот на родителите. Попрво такво нешто ќе почувствува поради лошиот однос на нејзините родители. Голем број млади луѓе велат дека им било тешко да живеат во семејна атмосфера во која родителите не се согласувале.

Колку повеќе одложувате, потешко ќе си заминете

Она што некои деца често го слушаат од своите родители е реченицата: „Поради тебе останавме заедно“. Оние на кои реченицата им е упатена често живеат во анксиозност со панични напади што ги стигнуваат во дваесеттите години, а се предизвикани од пораката дека поради нив мама и тато останале во лош брак.

– Тогаш доаѓа и до соочување со тоа дека родителите цело време го лажеле детето, кога тоа ќе сфати дека мама и тато всушност со години немаат ништо еден со друг – објаснува Павловиќ и додава дека колку повеќе вложувате во вашиот брак и однос, толку ви е потешко да излезете од него.

Живеење во лош брак

Бранислава Павловиќ советува до кога да му се даде шанса на бракот во кој ништо не е како што треба.

– Тогаш кога сте се обиделе со сè, кога повеќе немате трошка сомнеж дека нешто сте се обиделе да направите. Тогаш треба да си одите. Најлошо е да се остане во лош брак. Браковите во кои луѓето се заедно од интерес не се бракови, ниту љубовни врски. Само бракот склопен од љубов може да пропадне. Речиси секогаш го добивате она што сте го сакале од бракот и од животот.

Фазата на разочарување, според Бранислава, е природна фаза на бракот и таа настапува кога ќе помине заљубеноста.

– За жал, луѓето со текот на времето почнуваат да се однесуваат како да имаат тапија на брачниот партнер и потоа го оставаат на последно место.

Емоционално разведување и разведување на хартија

Сите се менуваат, па така и брачните партнери. Бранислава Павловиќ вели дека во согласност со тоа, и бракот се менува на секои 7 години.

– Често се случува да почнете врска со една личност, а таа со текот на времето станува „некој друг“. На оние што вложувале во себе секогаш им е полесно по разводот, а сосема сум сигурна во тоа дека ниедна личност што донела одлука да остане во лош брак не се помирила со тоа. Оние што се разведуваат од далечина јасно гледаат колку бракот им бил лош. Има и такви што се разведуваат на хартија, а никогаш тоа не го прават емоционално. Тие или влегуваат во улога на жртва или очајна личност или чувствуваат омраза или желба за одмазда, што исто така не им дава можност нормално да продолжат со животот.

За брак се потребни двајца, а за развод само еден

Денес, во психотерапијата разводот не се смета за патологија, туку за една од можните фази на бракот, вели Павловиќ.

– Разводот секогаш е тажен и болен. Сосема е нормално и тоа на некои луѓе да им е потребна поддршка и охрабрување. Никој не влегува во брак за да се разведе. За брак се потребни двајца, потребна е долготрајна психотерапија бидејќи моделот во кој другиот е виновен за сè долго време бил применуван во бракот.

Сосема е во ред по заминувањето од лошиот брак да не се откажете од љубовта и да почнете нова врска. Кога разведените се подготвени за тој чекор?

– Постојат такви што живееле во солиден брак, се развеле цивилизирано, на нормален начин прифатиле дека не функционираат заедно. Тие на здрав начин можат да излезат од болниот процес, првпат откако имаат деца и работа, да изберат партнер. Ним им го кажувам она што го мислам: „Вие сега можете сè!“ Во подоцнежните години, кога имате деца и работа, вие го избирате оној што ви одговара во секој поглед. Тогаш можете сè, и да имате сè. Постојат такви што разводот го доживуваат полошо од тешка болест и навистина не знам зошто е така. Разводот не е трагедија, а добрите бракови не се разведуваат – вели Павловиќ.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top