Дали некогаш, макар и со крајче од вашиот ум, сте помислиле каде учат децата на злобниците и лошите? Односно, нивните деца кои не се метнале на нив, а треба да ги наследат кога ќе пораснат?

Се разбира, во лошилиште. Е, па, во едно такво школо за разлошување се затекнале многу интересни ликови: еден Наречник кој претскажувал само убави нешта, едни фини кралски близнаци – деца на суров крал, една Талкачка која им помага на луѓето да не се изгубат, една Бебирога која не сака да зборува безобразно, едни дрндлести и добродушни џуџиња… Каков состав, нели?!
А од кого би можеле да учат лоши работи ако не од некојаси тетка по име Злоберта и нејзиниот потчинет маж – Твртко, Штетибертови.

Впрочем, целата идеја за лошилиштето очигледно била на Злоберта, која мислела дека е едноставно да се води едно лошилиште.

„А зошто, всушност, го отвори лошилиштето? Веројатно зашто ѝ беше здодевно. Со Твртко воопшто не е забавно. Веќе не ѝ беше забавно да го командува зашто беше здодевен како умрен полжав. Злоберта веруваше дека лошилиштето е сензационална претприемачка идеја. Пушти неколку огласи во мрежата на штетниците и понудите сами си доаѓаа: ’Искусна штетница ќе ги превоспита вашите добри деца. Имате дете со добро срце? Доверете ми го! Шифра: Ќе ви вратам никаквец!‘ предизвикувачки пишуваше во огласот.“
Арно ама, како што народски се вели – домашниот есап на пазар не излегува – се покажало сосема спротивното. Учениците не ги бидувало за наставата во лошилиштето. За поголем ужас на Злоберта – овие неранимајковци се здружиле. И тогаш почнала авантурата…

Она што следува е како сценарио за акционен филм. Родителите на малите злобници чекаат резултати, а резултатите изостануваат. Посебно зезнато е што во составот за разлошување им се приклучува и внукот на раководителот на пеколот. Потоа на сцената стапува една огромна тајна што е на прагот да биде откриена…

Во оваа откачена книга ќе најдете сè освен досада. Тоа ни најмалку не е опција. Покрај тоа што читањето ќе ви биде презабавно, воопшто нема да пропаднете во читачки јами зашто во „Лошилиште“ постојано нешто се случува. И не трудете се да го предвидите следниот настан зашто сигурно ќе го промашите курсот, што од друга страна и не е толку лошо зашто постојано ќе се „фаќате“ себеси изненадени. Откако ќе ја прочитате оваа книга, признајте дека вакво нешто досега не ви паднало в раце. И се разбира, препорачајте им ја на другарчињата, не е фер само вие да се забавувате.



912

X