Децата учат правилно формирање и изразување со реченици. Овие игри, подготвени од логопедот Светлана Трнинкова, се за деца од 3 до 7-годишна возраст. Родителот и детето можат да ги играат во пар, а наставниците и воспитувачите можат да ги приспособат за повеќе деца сè до завршно прво одделение

Во претшколска возраст развојот на детскиот говор се одвива со многу брзо темпо и вокабуларот се пополнува со стотина нови зборови, се подобрува изговорот, речениците стануваат подобро обликувани и побогати. Но, сепак, деца на иста календарска возраст имаат различен степен на говорно јазичен развој. Некои деца со навршени три години чисто и правилно изговараат зборови, а некои сè уште зборуваат неразбирливо, погрешно изговараат поединечни гласови и зборови.
Некои ги испуштаат или заменуваат слоговите. Некои зборуваат тивко, додека други зборуваат прегласно, како да викаат.

Колку се зголемува речникот од 3 до 7 години?

Во периодот помеѓу 3. и 6. година детскиот вокабулар расте со неверојатна брзина. Така, до 4. година речникот од околу 500 збора трипати повеќе се зголемува. Во 5. година детето има и до 2.000 збора, а до 6 година и до 6.000 збора. Но мора да се истакне дека овој квалитет на говорот е и благодарение на квалитетна комуникација. Кај некои деца од седумгодишна возраст активниот фонд на зборови понекогаш останува сиромашен и ограничен, детето распознава многу зборови и може да ја објасни нивната смисла, но тие зборови остануваат во пасивниот речник, во внатрешниот говор и сето ова на оваа возраст веќе почнува да претставува проблем во комуникацијата.

На сите ни е добро познато дека децата најдобро се остваруваат и реализираат преку играта и токму затоа за развој на говорот и јазикот опишав некои логопедски игри кои ќе придонесат за развивање на слушната перцепција, подобрување на изговорот, стабилизирање на гласовите, проширување на речникот и поврзување на збор со соодветен предмет. Децата учат правилно формирање и изразување со реченици. Овие игри се за деца од 3 до 7-годишна возраст. Родителот и детето можат да ги играат во пар, а наставниците и воспитувачите можат да ги приспособат за повеќе деца сè до завршно прво одделение.

1. Лета, скока, плива, чекори…
Цел: Развој на слушно-говорното внимание, разбирање на говорот, збогатување на речникот со именки и глаголи.

Игра: Родителот или наставникот го замолува детето внимателно да слуша. Кога ќе каже нешто реално и вистинито, детето треба да плесне со рацете или да скокне. Кога ќе се каже нешто невистинито или неточно, детето не треба ништо да прави.

Пример за активности за еден круг на играта:

-Рибата плива.
-Песот лета.
-Птицата лета.
-Мачката скока.
-Зајакот лета.
-Креветот чекори.
-Песот скока.
-Човекот чекори.
-Куќата скока.
-Столот плива.
-Перницата скока.
-Детето плива.
-Пеперутката скока.
-Авионот лета.

Светлана Трнинкова

2. Кој те гледа?

Цел: Развој на слушно-говорното внимание и разликување на именки кои означуваат живо-неживо.
Игра: Играта се игра исто како и претходната. Родителот, воспитувачот или наставникот кажува:
– Те гледа (се именува живо суштество, и детето плеснува со рацете или скока на точниот одговор). Кога ќе се каже нешто бесмислено, нереално, невистинито, детето не реагира.

Примери за еден круг:

-Те гледа мајмунот.
-Те гледа тепихот.
-Те гледа кучето.
-Те гледа гасеницата.
-Те гледа рибата.
-Те гледа автомобилот.
-Те гледа книгата.
-Те гледа мајка ти.
-Те гледа моливот.
-Те гледа девојчето.
-Те гледа баба ти.
-Те гледа кутијата.
-Те гледа куќата.

3. Пронајди 5 именки

Цел: Збогатување на речникот.
Игра: Родителот кажува глагол на кој детето треба да припои пет соодветни именки.

Пример: Што можеме да отвориме?

Детето треба да одговори:
-Можеме да ја отвориме вратата.
-Можеме да ја отвориме книгата.
-Можеме да ја отвориме кутијата.
-Можеме да го отвориме шишето.

Во почеток се игра на тој начин што детето ги бара предметите со поглед во непосредната околина, на пример: во собата, во кујната, во дворот. Ако не успее, може да му се покаже тој предмет со прст, па на тој начин детето ќе се присети на неговото име и ќе состави реченица. Морам да кажам дека според инвентивноста на логопедите со долгогодишно искуство, оваа игра можат да ја модифицираат и да ја применат и за развојните дисфазии.

Напоменувам дека оваа вежба потпомогната со слики ќе наиде на многу апликативна примена за сите деца. Оваа иста игра може се игра врз основа на присетување. Детето може на прсти да ги брои своите дадени одговори до 5. Во напредна верзија од оваa игра за зголемува бројот на бараните предмети.

Предлог на можни барања:

-Што можеме да сечеме?
-Што можеме да облекуваме?
-Што можеме да пиеме?
-Што можеме да бришеме?
-Што можеме да подигаме?
-Што можеме да затвораме?
-Што можеме да чистиме?
-Што можеме да переме?
-Што можеме да градиме?



912

X