Најтоплите денови се сега, а за моето семејство тоа значи само едно, поминување што е можно повеќе време на отворено. Пливање, планинарење, пикник во парк… тоа е суштината на летото. Наскоро заминуваме на одмор. Но, тоа што едвај чекам да облечам костим за капење не значи дека немам несигурности и делови од телото кои понекогаш посакувам да ги променам. Како мајка на две деца која неодамна ги остави своите 30-ти зад себе, верувајте ми, ги имам.
Сепак, имам нешто многу поважно: имам живот за живеење и ќерка која ме гледа и учи од мене секој ден.
Моето тело не е совршено, но е мое
Токму затоа ги оставив несигурностите настрана. Па што ако мојот задник не е цврст како порано? Па што ако стомакот не ми е рамен и ако имам сребрено-бели стрии на бутовите (ви благодарам, дечиња!)?
Моето тело не е совршено според нереалните стандарди со кои нѐ бомбардираат секојдневно. Но, тоа е мое. И нема шанси да си ги трошам животот и летото на плажа грижејќи се за стомакот или стриите.
Кога ќе се ослободите од тие грижи, сфаќате колку е ослободувачки да уживате во летото во своето прекрасно, совршено несовршено тело. Тоа е подарок за мене, но уште повеќе, подарок за мојата ќерка.
Децата учат од нас секоја минута
Денешните млади се под постојан притисок. Додека ние во нашите тинејџерски денови ги гледавме социјалните стандарди „само“ на телевизија или во списанија, тие денес ги имаат социјалните мрежи в раце секоја минута од денот, кои им диктираат дека мора да изгледаат на одреден начин за да бидат убави. Истражувањата покажуваат дека дури и деца на возраст од 4 или 5 години веќе се соочуваат со несигурности за својот изглед. Тоа е застрашувачки.
Мојата ќерка е прекрасна. Не само поради тоа како изгледа, туку поради тоа што е, нејзината смеа, нејзината грижа за луѓето и животните, нејзината тврдоглавост за нештата во кои верува, нејзината добрина и креативност. Посакувам да може да се види низ моите очи секој ден. А за да ја научам да се сака себеси, морам прво јас да покажам дека се сакам себеси и моето тело. Не можам да очекувам таа да научи вештина која јас самата ја немам совладано.
Облечете го костимот за капење и влезете во вода
Затоа, за неа и за себе, го облекувам тој костим за капење и влегувам во вода. И преубаво е!
На моите деца им покажувам дека го сакам моето тело така што се грижам за него со почит. Јадам храна што ме храни и штити, но без грижа на совест уживам во топка сладолед или ладно кафе. Вежбам јога за да се чувствувам силно и среќно и сакам мојата ќерка да види колку е убаво кога си го сакаш телото толку многу што му го посакуваш најдоброто.
Ова лето мојата глава е полна со позитивни мисли:
- Моето тело е здраво и силно.
- Тоа ги носеше, ги роди и ги хранеше моите две прекрасни деца.
- Моето тело е местото каде што тие се чувствуваат најсигурно.
- Мојот скут и моите раце ги гушнале и утешеле илјадници пати.
Моето неверојатно тело прави толку многу за мене секој ден и најмалку што можам да направам е да му ја возвратам љубовта. За мене, и уште повеќе, за моето прекрасно девојче.