Кога доаѓа време за спиење, понекогаш единствениот начин да заспијат децата е и вие да легнете до нив. Но дали треба да ги охрабрувате вашите деца да заспиваат сами или постои некоја придобивка од ова ваше заедничко поврзување?

Кога се работи за поврзувањето, фокусот е поставен на одговарање на потребите на децата и имањето близок физички контакт со нив. Тука спаѓа и самото спиење заедно, доењето, како и носењето на бебињата секаде со вас. Ваквиот начин на одгледување бил потенциран од страна на американскиот педијатар д-р Вилијам Сирс, а научниците со години дебатираат за тоа. Некои веруваат дека е идеален начин да се израсне сигурно и независно дете, но дали е тоа најдоброто за вашето бебе?

Сузан Краус Витборн, професор по психолошки и умствени науки на Универзитетот „Амхерст“ во Масачусетс, тврди дека постои доказ оти поврзувачкото родителство им помага на децата да бидат успешни како возрасни лица.

– Кога ќе ги одвоите популарните претерувања на поврзувачкото родителство, од објективно ориентираните студии, тоа е разумен пристап кој поттикнува физичко и психолошко здравје кај децата. Од обемните истражувања знаеме дека сигурните и приврзани возрасни имаат посреќен живот без многу конфликти. Исто така, има и истражување кое посочува дека таквите возрасни лица се подобри родители – истакнува Сузан.

Таа не е единствената што пишува за позитивните резултати од приврзаното родителство.

Патрис Мари Милер и Мајкл Лампорт Комонс од медицинското училиште на „Харвард“ спровеле студија за методите на одгледување на децата. Тие велат: „Придобивките се помала изложеност на стрес, што влијае врз развојот на мозокот и подоцнежните реакции на стресот. Сето тоа доведува до намалување на проблемите со менталното здравје подоцна во развојот на детето, Уште една важна психолошка придобивка е сигурното приврзување, што претставува тенденција на детето да бара контакт со родителот кога е под стрес и следствено на тоа да добие утеха од тој контакт. Резултатот од ефективна и емоционална регулација е дека децата поефективно се вклучуваат во основните развојни задачи, вклучувајќи ги и врските со врсниците и школувањето“.

Многу од славните личности го следат овој тренд на поврзување со децата.

Тамара, ќерката на Берни Еклстон, чие богатство е проценето на 300 милиони фунти, исто така силно верува во поврзувачкото родителство.

Таа вели дека нејзината ќерка Софија спие во брачниот кревет со неа и сопругот, и дека тоа го прави од периодот кога Софија имала само шест месеци. „Се вовлекува во средината и зафаќа најголем дел од креветот. Јас спијам на страна. Тоа не влијаеше многу на романсата помеѓу мене и сопругот. Учите да се приспособувате. Очигледно е дека е различно, но љубовта е тука и сè уште успеваме да најдеме време еден за друг. Само не толку колку порано“, ВЕЛИ Тамара.

Се разбира, она што функционира за едно дете може да не функционира за друго, па важно е да го приспособите стилот на родителство, соодветно.

Автор: Беки Пембертон



912

X