Доколку сакате што подобри резултати и што помалку мака, советувам да почнете со одвикнување кога детето ќе може добро да седи (6. или 7. месец). Овој совет би ви го дале и педијатрите пред 30 години. Но, со доаѓањето на пелените за еднократна употреба, престанаа да го даваат. Причината зошто во тој период е поедноставно одвикнувањето од пелени е тоа што бебето не може многу да се движи, па каде ќе го оставите, таму ќе го најдете. Исто така, тогаш бебето не е толку заинтересирано за проучување на средината, туку многу му се поинтересни прстите на нозете што се обидува да ги стави в уста.

Ако сте ја пропуштиле оваа можност, тогаш ќе мора да почекате детето само да почне да сигнализира дали е подготвено (се обидува да ја соблече пелената, ги предупредува родителите и вели нешто како пипи, кака). Тоа е вообичаено помеѓу 18. и 24. месец. Но, тоа е и време кога децата го усовршуваат одењето и кога е интересно осознавањето на околината, па тешко е да се натера детето да седне макар неколку минути и за тоа ќе ви биде потребна поголема креативност.

Како да се подготвите?

Секако, за одвикнувањето да биде успешно, и вие мора да бидете подготвени на тоа, бидејќи од вас ќе се бара голем ангажман. Еве што треба да направите. За почеток, тргнете ги теписите за да не мора да ги чистите секојпат кога ќе се случи незгода, а ќе се случи. На детето треба да му се соблече пелената и да му се стават гаќички, но повеќе во никој случај да не се враќа пелената. На почеток тоа ќе негодува, често ќе го задржува изметот бидејќи ќе сака да се врати на претходната состојба. Со пелените детето нема чувство дека е водено и не чувствува непријатност, па кога ќе дојде време за соблекување на пелената, не гледа причина зошто не може да извршува нужда на ваков начин. А го задржува изметот затоа што никогаш претходно не си го видело и мисли дека е дел од него, па не сака да се оддели од него. И, секако, за да ве придобие да му ставите пелена. Откако ќе се тргне пелената, ставајте го детето на нокширче по секое будење, по секое пиење и јадење и пред секое легнување в кревет или излегување.

Што ви е потребно за одвикнување од пелените:

1. Многу трпение!
2. Силни нерви.
3. Многу забава и игра.
4. Средство за чистење подови.
5. Нокширче.
6. Околу 30 гаќички.
7. Резервна облека за деца и родители (особено при излегувањата) бидејќи никогаш не знаете кога „незгодата“ ќе заврши во вашиот скут.

Она што сигурно ќе ви ја олесни целата работа и ќе ви ги зачува нервите е на одвикнувањето да гледате како на забава во која учествува целото семејство со нагласување на една цел – одвикнувањето од пелените да биде весела и интересна активност.

Автор: Ива Брчиќ, сертифициран едукатор во програмот „Најсреќно бебе во Хрватска“



912

X