Летната бременост има свои предности – лелеави фустани, долги лесни туники, влечки во кои стапалото нема да се чувствува заробено.

Деновите се долги, убави, идеални за прошетки, престој на свеж воздух и апсорпција на многу потребниот и често споменуван витамин Д.

Но, има и помалку гламурозни појави, како што е неподносливата топлина поради која едвај дишете, се движите полека, се потите прекумерно и над сето тоа, слабо спиете.

Како да ги преживеете и како да се грижите за себе ако сте летна трудница?

Вода, вода, вода

Не онаа што се цеди од вас, туку онаа што треба да ја носите со себе буквално секаде. Поради прекумерното потење, потребни ви се повеќе течности во текот на денот – минимум 10 чаши. Ако не можете да пиете вода, тогаш можете да изберете и природни сокови и ладен чај.

Чувајте се од сонцето

Во ваква состојба сигурно дека не сакате да престојувате на сонце, но вреди да се напомене дека треба да обрнете внимание и да се заштитите. Кожата на трудницата е уште почувствителна поради мелазмата. Станува збор за нарушување во пигментацијата што најчесто го зафаќа лицето. За лицето да остане убаво и здраво како и остатокот од вашето тело, заштитете се со капа, очила за сонце и соодветен крем.

Намалете го внесот на сол

Обидете се да јадете што е можно помалку солена храна. Имено, солта ја задржува водата во вашето тело. Да, уште повеќе отколку што веќе ја задржувате. Затоа бидете внимателни за да избегнете отоци.

Кратки, освежувачки тушеви

Овозможете си кратки, ладни (но не премногу ладни) тушеви во текот на денот. Ќе се чувствувате како преродени.

Спијте

Знаеме дека сте исцрпени и топлината го зема својот данок. Ако можете, спијте или одморете се кратко со затворени очи во текот на денот, во постудена просторија.

Ова ќе ви ја врати изгубената енергија и ќе ви помогне да ги поминете најжешките денови.

Направете да ви биде пријатно и удобно

Изберете удобна облека со материјали низ кои ќе дише телото и кожата. Не обидувајте се да облечете нешто премногу тесно што може да го ограничи вашето тело или движење бидејќи тоа само ќе ја продлабочи непријатноста.

Исто така, обрнете внимание на чевлите. Избегнувајте сандали со ремчиња кои ќе ви ја стегаат ногата по половина час помината во нив или тесни чевли во кои ќе ви експлодираат нозете, ако се отечени од топлината.

Извор



912

X