Совети

И распустот може биде стресен: Како да ја препознаете летната анксиозност кај децата?

Децата функционираат најдобро кога имаат рутина, во текот на училишната година тие точно знаат кога стануваат, каде одат и што се очекува од нив. Летото носи ненадејна промена во таа динамика. Додека за некои деца опуштениот распоред е радост, за други лишувањето од структурата може да создаде силно чувство на неудобност и анксиозност.

Децата ретко знаат да кажат: „Не се чувствувам добро“. Тоа се манифестира преку нивното однесување.

Како да ја препознаете летната анксиозност според возраста?

  • Кај помалите деца: Може да се забележи зголемена потреба од постојано присуство на родителите и тешко одвојување. Децата потешко заспиваат, се будат ноќе, се жалат на болки во стомакот или главоболки, а понекогаш се враќаат и кон поранешните навики.
  • Кај децата од училишна возраст: Анксиозноста се појавува како страв од нови активности или летни кампови. Често бараат потврда како точно ќе изгледа денот, плачат или имаат изливи на бес кога работите не одат по планот.
  • Кај тинејџерите: Се манифестира со нарушен ритам на спиење, иритација и низок праг на толеранција. Често се изолираат пред телефоните, одбиваат дружење и се повлекуваат од семејството.

Што можат да направат родителите?

1. Зачувајте одредена структура

Не е потребен строг воен распоред, туку предвидлив редослед на настаните: исто време на станување, редовни оброци и испланирани дневни активности.

2. Прифатете ги нивните чувства наместо да ги игнорирате

Речениците од типот: „Сè ќе биде во ред, уживај!“ можат да создадат чувство кај детето дека не е разбрано. Наместо тоа кажете: „Разбирливо е што си нервозен за летниот камп. Ајде да разговараме за тоа што те загрижува.“ Кога детето ќе се почувствува сослушано, интензитетот на емоцијата се намалува.

3. Подгответе го детето за новите искуства

Заедно поминете низ распоредот на активности и ставете го на видливо место во куќата. Разговарајте за тоа што го очекува на летниот камп или на семејното патување. Колку е попозната ситуацијата, толку помалку е застрашувачка.

4. Направете баланс меѓу активностите и слободното време

Нема потреба секој момент да биде исполнет со настани. На децата им е потребен одмор, слободна игра и спонтано дружење.

5. Научете ги дека стравот е нормален кога нешто ни е непознато

Целта не е целосно да се отстрани анксиозноста, таа е нормална човечка емоција. Наместо да ги штитите од секој стрес, помогнете им да изградат самодоверба дека можат да се справат со непријатните чувства и успешно да ги надминат.

Извор

Поврзани написи

To top