Најновата книга на Љубомир Грбевски за деца е „Лет со умот кон папокот на универзумот“, а ќе биде промовирана утре во 12 часот во градската кафеана „Пелистер“ во рамките на манифестацијата „Скопско лето“.

Книгата содржи три драмски новобајковни текста за деца и за тинејџери: „Лет со умот кон папокот на универзумот“ (пиеса што ѝ го позајмува името на целата книга), „Здодевна бајка“ и „Шумско востание“ (една бајковидна басна) кои се пишувани во стихови со комедиографски перформанси. Станува збор за пародирани и деконструирани класични бајки и одново конструирани и стокмени со нов наратив и со современ сленг јазик на „новите клинци“, нивниот „новојазик“.

Промотор на книгата ќе биде писателот Стево Симски, а музичката поддршка ќе биде од Јаков Дренковски. Делови од пиесите ќе изведат актерите Елизабета Клинчаревска-Младеновска-Ели и Кирил Трајковски-Максим.

По неговата претходна книга „Бајки тралалајки – за урбани клици и напредни мајки“, која содржи шест драмски текста, ова писание е некакво логично продолжение на истиот волшебен свет на принцезите, витезите, кралевите и кралиците, џиновите, змејовите, џуџињата и маѓосниците и други чудни и надреални суштества во едно анахроно опкружување на новите технолошки „чудесии“ – мобилни телефони, таблети и сл. кое го таргетира овој автор.

Оваа книга е четврта по ред на Љубомир Грбевски.



912

X