Воспитување

Лекции на родителите од минатото што може да се користат и денес

Одгледувањето и воспитувањето деца денес е многу поразлично од она пред неколку децении. Но, тоа не значи дека не може да се применуваат некои од старите родителски пристапи и методи, а со самото тоа да се ужива во придобивките. „Добрите стари денови“ можат да придонесат многу во воспитувањето на денешните деца, во овој брз и технолошки развиен свет. Нашите родители и претходните генерации имаат големо влијание врз тоа какви луѓе сме денес. Ова се неколку родителски практики од минатото што можат да бидат корисни и сега:

1. Родителите го правеа нашиот живот едноставен

Кога бевме деца, немавме многу материјални работи, но бевме среќни бидејќи креиравме наш сопствен вид на забава и авантури. Едноставните задоволства што ни ги дадоа родителите кога бевме мали, на пример, домашна торта направена од мама или играчка направена рачно од тато, ни значеа многу. Имавме едноставни семејни традиции на заедничко гледање филмови, смеење и јадење пуканки. Ни беше дозволено и да преспиваме кај пријателите. Нашите родендени не беа нешто посебно, имаше многу деца на забавите, со домашна торта, сок и многу, многу игри кои ни причинуваа радост.

2. Родителите поминуваа квалитетно време со нас

Да се соочиме дека живееме во неверојатно гласен и зафатен свет, а денешните родители се борат да пронајдат време кое ќе го поминат со своите деца, помеѓу сите тие работни и животни обврски и одговорности. Вистина е дека сакаат да заработат повеќе пари за да им овозможат на децата удобен живот, но активностите како играње, читање или едноставно поминување време со детето се круцијални за развивање здрав однос помеѓу родителот и детето. Порано поминувањето квалитетно време со децата било нешто најважно за родителите. Многу инвестирале во создавањето заеднички спомени, не ги пропуштале семејните вечери и постојано зборувале за потребите и чувствата на децата.

3. Родителите ни дозволија да доживееме пораз и разочарување

Секој родител го сака најдоброто за своето дете, убав живот исполнет со радости и успеси. Но, ова не значи дека родителите треба премногу да ги заштитуваат децата, давајќи им помош секогаш кога ќе се појават пречки во нивниот живот. Нашите мајки и татковци направиле добра работа кога нè подготвувале за реалниот свет. Ни дозволувале да се обидуваме, да не успеваме, да го почувствуваме разочарувањето и да се соочиме со природните последици од нашите постапки бидејќи тоа е шанса да растеме и да научиме.

4. Ни веруваа

Повеќето од нас се сеќаваат на периодот кога сами оделе на училиште, играле надвор со своите пријатели додека не се стемнело, кога се качувале по огради или возеле велосипеди со часови, далеку од дома. Нашите родители нè воспитаа да бидеме независни и ни ја дадоа слободата бидејќи веруваа во нашите способности да носиме добри одлуки. Ова е многу важно за начинот на кој го подготвувате вашето дете за иднината. Ако сте премногу заштитнички настроен родител, тогаш детето може да стане неодговорно и незрело.

5. Нè научија на вредноста на парите

Овие денови многу тинејџери имаат извртена перцепција за парите, односно збунети се кога се работи за разликата помеѓу потребите и желбите. Порано нашите родители завршија одлична работа кога нè научија која е важноста на парите и на одговорното трошење. Нè советуваа како да заштедиме и како да менаџираме со нашиот буџет. Ако на детето од рана возраст му покажувате дека со напорна и вредна работа се заработуваат пари, тогаш му помагате да развие здрави финансиски навики кои ќе траат цел живот.

6. Нè охрабруваа да играме надвор

Постоеја времиња кога децата воопшто не беа дома додека не се стемнеше. Нашите родители ни ја даваа слободата да играме надвор на отворено колку што сакаме. Ни даваа ужина откако ќе дојдевме од училиште и потоа нè испраќаа надвор да си играме додека не дојдеше време за вечера. Нашите родители знаеја колкава придобивка имаме од природата и не сакаа да ја изгубиме можноста да стапуваме во интеракција со другите деца, да имаме физичка активност и да ја развиваме нашата креативност.

7. Ни даваа задолженија

Многумина од нас се сеќаваат дека имале задолженија и обврски кога биле мали. Родителите нè научија да разбереме дека треба да се вршат основните домашни обврски за да бидеме од помош во семејството. Така, се грижевме за едноставни задачи, како миење на садовите, местење на масата, местење на креветот или помагање во градината. Се чувствувавме корисни и задолженијата нè правеа поодговорни, организирани и ни помогнаа да пораснеме во млади, независни луѓе и примерни граѓани.

 

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top