Која е најболната играчка на која сте стапнале во животот? Ова прашање го поставил еден твитерџија во САД, кој има 10 илјади следбеници, па набрзо се покренала урнебесна расправа во која се вклучиле респектабилен број огорчени родители со желба да ги споделат со другите „најболните“ родителски искуства.

Таткото кој ја почнал расправата како пример за најболни играчки ставил фотографија од мал борбен авион, но повеќето корисници на оваа социјална мрежа се согласиле во едно –  лего-коцките се најлошиот кошмар за родителските стапала.

„Ги презирам тие ситни пластични коцки создадени само за мачење на стапалата!“, напишал еден татко.

„Секогаш и повторно ќе речам лего! А дополнителни поени за најболна играчка им давам на овие коцки кога секојпат случајно со коленото ќе клекнам на една од нив“, се жали друг родител.

„Пластични војници. Тие со кренатата пушка ќе ви остават за спомен еден хематом на кожата од стапалата“, објаснил еден татко.

Но, сите родители не се согласуваат дека лего-коцките се најлошиот предмет што може да се најде на патот на нивните нежни, незаштитени стапала. Пластичните војници и ситните додатоци што одат со куклите Барби исто така се високо на листата со болни играчки. Друг се согласил со нив и додал: „Биди фраер, па остани мирен кога во текот на ноќта случајно ќе нагазиш на пластичен војник додека слегуваш по скалите!“

Многумина се согласиле со тврдењето дека малите делови од куклите Барби се нешто што по секоја цена треба да се избегне додека со боси нозе шетате во детската соба, но една мајка со својот статус предизвикала низа одобрувања кога споменала дека најлош кошмар за секој родител се играчките што произведуваат звуци.

„Можете да ја поднесете и најлошата болка од лего-коцките или пластичните војници, но да стапнете на гумена играчка што произведува звук и вашето дете да се разбуди откако со толку мака сте го заспале – е тоа е болка која со ништо не може да се спореди!“, заклучила на крајот една изморена мајка.



912

X