Метју Шифрин првпат ги открил лего-коцките кога ги ставил рацете длабоко во кутија полна со ситните играчки.

Неговата дадилка Лилја Финкел ја забележала кутијата на тротоарот и му помогнала на Шифрин, кој е слеп, да ја пикне во автомобилот. Таа веруваше дека тој ќе ужива во нив исто како што уживаат децата што гледаат. Шифрин, кој тогаш имал 5 години, рече дека возбудата од градењето му предизвикала доживотна посветеност на коцките.

– Ја обожавав креативноста на лего – вели Шифрин, кој сега има 22 години, чии родители го воделе низ градењето со коцките во поголемиот дел од неговото детство.

– Плус, за мене беше прекрасно тренирање на мозокот: слепите луѓе имаат проблем со ориентацијата во просторот и со свеста за просторот, а лего-коцките ви дозволуваат, парче по парче, да составите соба – додава тој.

Фото. Victor Shifrin – Метју и неговата бејбиситерка во 2007 година

Но, кутијата со лего-коцки направи и нешто друго за Шифрин: поради нив, тој си постави мисија – да ги направи достапни за децата со оштетен вид од целиот свет. Неговата долгогодишна посветеност се исплати – компанијата „Лего“ ги претстави своите први инструкции за градење со Брајова азбука, проект завршен со учество на Шифрин токму поради неговата упорност.

– Ова беше нешто на што сакавме да се осврнеме: како да ги направиме лего-коцките достапни за лица со оштетен вид и слепи деца? Сакаме колку што е можно повеќе деца да можат да ги искусат – рече Фенела Блеиз Черити, креативен директор на „Лего“.

Метју Шифрин веќе неколку години неуморно работел за ширење на аудиото и инструкциите за градење на Брајово писмо за децата од цел свет. Предизвикот со кој се соочи тимот бил прилично голем. Лего е исклучително визуелна форма на игра, со оглед на тоа што целото искуство се фокусира на гледање на она што го градите. Дури и со помош од пријателите и родителите, тешко е слепо дете да ги лоцира и вметне коцките во правилен редослед. Бројот на парчиња во еден сет може да изнесува илјадници. Освен тоа, упатствата не се со текст: тие се потпираат исклучиво на слики.

– Се прашувавме како воопшто да почнеме со овој проект? Тогаш Метју дојде кај нас со неверојатно решение на кое веќе почнал да работи – вели Черити.

Фото: The Lego Foundation/ Метју Шифрин

Шифрин и Финкел, неговата дадилка, измислиле „решение“ на 13-тиот роденден на Шифрин. Како подарок, Финкел му ја дала „Битката кај Аламут“, лего-палата. Но таа го поврзала подарокот со она што се покажало како бесценето богатство. Измислила уникатно име за секое парче од палатата, а имало 800 парчиња. Потоа поминала безброј часови составувајќи инструкции на Брајова азбука за како да се состават заедно.

Првпат во животот Шифрин седнал на масата во кујната и ја завршил изградбата на лего-коцките без никаква помош.

– Никогаш не помислив дека ќе можам самостојно да градам лего-комплети. Замислете цел живот да ви велат дека не можете да направите нешто или самите знаете дека не можете да го направите – и одеднаш постои начин да го направите тоа. Чувството е неверојатно – вели тој.

Тој веднаш знаел дека треба да им помогне на другите слепи деца да ја пронајдат истата независност. Во текот на наредните 5 години тој и Финкел создале слични упатства за околу 45 други лего-комплети, сите објавени на веб-страницата „Lego for the Blind“.

Подоцна, тие воспоставиле систем во кој Финкел пишувала инструкции, а Шифрин ги тестирал слушајќи ги и следејќи ги, користејќи го неговиот читач на екран. Шифрин долго време се обидувал да стигне до некој вработен во „Лего“ за да разговара за неговото дело. Во 2017 година конечно се поврзал со некој од „Криејтив плеј лаб“, дел од компанијата што создава нови играчки. Програмата што ја претстави компанијата оваа година е високотехнолошка верзија на она што Шифрин и Финкел со години го правеле сами.

Фото: The Lego Foundation

 

Шифрин е воодушевен што неговата визија стана реалност. Тој само посакува и Финкел да го доживееше ова. Таа почина пред две години.

 



912

X