Лидија Зорба, магистер по психолошки науки

Лидија Зорба, магистер по психолошки науки

Повеќе од авторот

Ако децата гледаат и слушаат како родителите се лажат или лажат други, тоа ќе стане модел на нивното однесување

Сите лажат. Повеќето истражувања покажуваат дека повеќе од половината луѓе во текот на десетминутен разговор успеваат, без особени причини, да излажат два-три пати. Луѓето лажат за да стекнат некаква корист од излажаниот, за да задоволат нарцистички потреби и да се претстават такви какви што би сакале да бидат, а не такви какви што се, лажат за да се заштитат, да го заобиколат законот, да повредат или да навредат некого… Мотивите се многубројни, но главната цел е – манипулација.

Како се препознаваат оние што лажат

Излажаните честопати може да имаат голема штета од лагата што им била кажана. За да не се случи тоа, добро е да се знаат некои основни показатели дека некој лаже: Дишењето може да биде забрзано, а говорот невешт. Лажгото повторува исти зборови или го повторува прашањето на кое сака да даде лажен одговор за да си добие време за смислување лага. Можни се нападни гестикулации со раце или преместување од нога на нога. Или наспроти ова – мирен, речиси војнички став. Погледот може да шета, најчесто нагоре и настрана (обично налево настрана) или, пак, да биде втренчен во жртвата за да изгледа поубедливо и да ја збуни.
Лажговците честопати си го допираат лицето со рака (прст) кога лажат, ги лижат усните, голтаат плунка или се накашлуваат. Сето тоа е несвесно. Лажговците може да бидат и многу итри и да знаат одлично да глумат, ама бојата на гласот се менува кога лажат. Човек што добро слуша ќе ја забележи промената на гласот. Понекогаш лажговците несвесно (или свесно) влегуваат во регрес, па иако се возрасни, се однесуваат како деца. Наспроти ова, може и да настапат многу авторитарно во намера да ја наведат жртвата кон регрес (да се однесуваат како родители или други значајни луѓе за жртвата).
Посебен вид лажење е извртувањето (искривување) на вистината, кажување полувистини, премолчување важни елементи од вистината или целосно премолчување на информации кои во даден момент се од клучно значење за жртвата. Искусните професионалци, како што се психолозите, судиите, полицајците, адвокатите и други, може со многу голема точност да откријат кога нивниот соговорник лаже. Но и многу искусни лаици може да научат да ги препознаваат знаците на лажењето. Од клучно значење се познавањето на невербалната комуникација и вештините на поставување прашања.

Влијанието врз децата

Првите зборови, но многу повеќе од тоа првите начини на однесување – децата ги учат од родителите и од оние со кои поминуваат најмногу време. Затоа и првите неколку години од животот на децата се клучни за тоа како ќе се чувствуваат и какви животни навики ќе стекнат понатаму. Ако родителите негуваат искрен однос еден кон друг и кон децата, и децата ќе се однесуваат на истиот начин. Ако децата гледаат и слушаат како родителите се лажат еден со друг или лажат други луѓе, и самите ќе почнат да лажат, односно тоа ќе стане модел на нивното однесување. Лажењето ќе стане вообичаен, за нив, нормален начин на живеење.
Истото се случува и со премолчувањето или искривувањето на вистината. Ако родителите премолчуваат важни работи пред децата (кријат, не зборуваат и не одговараат на нивните прашања, се преправаат дека не слушнале или не разбрале што ги прашуваат) и децата ќе станат такви.
Една од најголемите грешки што ја прават родителите, а која подоцна и децата и родителите скапо ја плаќаат, е кога едниот родител бара од децата да го лажат другиот родител или да лажат други луѓе поради остварување  лични цели. Во такви ситуации децата се инструментализирани, злоупотребени и индиректно повредени поради манипулативните потреби на родителот. Така, овие деца почнуваат на сличен начин да манипулираат со родителите, но и со други луѓе во нивната околина. Долгорочно гледано, ова може да има несогледиви последици во формирањето на карактерот, системот на вредности и здравиот емоционален развој на децата.



912

X