Дали се сеќавате на моментот кога сфативте дека Дедо Мраз не постои? Дали родителите ви признале дека ве излажале или во одреден момент сфативте дека подароците всушност се од мајките, татковците, бабите и дедовците… и продолживте да живеете мирно?
Ако сте родител, дали сте меѓу оние што успешно ги лажат своите најмили за постоењето на дедо кој остава подароци во замена за бисквити? Ако е така, не сте сами.
Повеќето родители се лажговци. Истражување спроведено меѓу американски родители открило дека 84 отсто од нив ги лажеле своите деца, и тоа не само за Дедо Мраз.
Родителите првенствено користат лаги за да манипулираат со своите деца, а лагата што најчесто ја користеле родителите што биле дел од истражувањето била заканата дека ќе го остават детето ако не е послушно, затоа што стравот од напуштање се покажал како успешен мотиватор.
Се разбира, добар совет за сите родители е да престанат да ги лажат своите деца.
Неодамна било спроведено друго истражување во кое истражувачите ги прашале возрасните дали нивните родители ги лажеле додека растеле. Се покажало дека луѓето чии родители најмногу лажеле, сега ги лажат своите деца. Покрај тоа, тие пријавиле повисоки нивоа на психо-социјална неприспособеност.
Лажењето има последици
Ако сте родител, дали ќе бидете добар пример или не, зависи од вас. Сепак, мора да знаете дека честото лажење на децата има одредени последици.
Во друго истражување возрасните биле модел за два вида однесување – искрено и неискрено. Веројатно не ве изненадува фактот дека децата што учествувале во истражувањето го следеле лидерот. Оние што гледале чесни возрасни се однесувале искрено, додека оние што гледале неискрени возрасни, и самите почнале да лажат.
Нарушување на односите
Лажењето може да ги наруши односите со вашите деца. Во друго истражување е откриено дека откако децата заклучиле дека возрасните не се искрени со нив, почнале помалку да им веруваат.
Секој родител сака неговото дете да му верува. Но, бидејќи и самите знаете, довербата е нешто што треба да го заработите во текот на животот и може да се изгуби ако сте неискрени.
Што тогаш со Дедо Мраз?
Сега, кога утврдивме дека лажењето не е добро, да се вратиме на приказната за Дедо Мраз.
Дали е во ред да ги лажеме децата за него? Дали навистина постои нешто погрешно во тоа да ги убедите вашите деца дека еднаш годишно, во вашиот дом влегува старец со брада кој ги јаде колачињата и остава подароци?
Ако го убедувате детето дека постои, не сте единствени. Истражувањата покажаа дека повеќето родители промовираат лажно верување во Дедо Мраз, а повеќето мали деца ја прифаќаат приказната како вистинска.
Поконкретно, истражувањето покажало дека повеќето родители вложуваат многу напори за да го одржат во живот митот за Дедо Мраз. Но, и покрај напорите на нивните родители, до седмата година од животот децата откриваат дека Дедо Мраз не е вистински. А кога децата ќе откријат дека нивните родители лажеле, дали ќе бидат вознемирени? Всушност, не. Повеќето деца имаат позитивна реакција на вистината.
Американскиот професор по психологија Дру Куртис спровел истражување меѓу неговите студенти во кое ги прашал колку често нивните родители лажеле за Дедо Мраз и како се чувствувале кога дознале дека е лага. Повеќето од нив изјавиле дека нивните родители честопати ги лажеле за постоењето на Дедо Мраз, но и дека лагата не влијаела врз нивните односи.
Лажењето е лоша идеја, но…
Како заклучок, лажењето на децата обично е лоша идеја, но ако во првите години од нивниот живот сакате да го негувате верувањето дека еден симпатичен старец кој живее на Северниот Пол носи подароци, ова не е лага што ќе ви го уништи животот или врската со детето.
Верувањето во Дедо Мраз е всушност возбудливо и магично, и добро е да имате некоја магија во животот. Дури и кога ќе пораснеме, сеќавањето за тоа како оние што нè сакаат најмногу нè уверуваа дека постои Дедо Мраз можат да ни донесат насмевка на лицето и да бидат извор на среќа.
Автор: Кристијан Л. Харт