Прашањето дали детето ќе биде левучар или деснак е поврзано со процесот наречен латерализација, развојна фаза во која едната страна од мозокот и телото презема доминантна улога. Стабилно дефинираната доминантна рака не само што му помага на детето во пишувањето и цртањето, туку игра важна улога и во организацијата на мозокот за јазик, говор и внимание.
Како да го проследите изборот на рака дома?
- Набљудувајте го спонтаниот избор: Кога детето зема лажица, боичка, четка за заби или топка, следете која рака ја користи почесто без да го насочувате.
- Понудете предмети: Ставете играчка или коцка точно во средината на градите на детето и забележете со која рака посегнува.
- Креативни вежби за децата: Додека детето црта, набљудувајте дали постојано ги менува рацете. Ако ги менува, нежно поттикнете го да ја заврши задачата со раката со која започнало за да ја проверите контролата.
- Секојдневни рутини: Миењето заби, чешлањето или сечењето со ножички се активности каде што доминантната рака брзо се наметнува.
- Избегнувајте форсирање: Никогаш не форсирајте го детето да користи одредена рака (лева или десна). Принудата може да создаде збунетост и да го забави развојот на моториката и говорот.
Кога е време да се обрне внимание?
Во зависност од возраста, менувањето на рацете има различно значење и бара соодветно следење:
Возраст од 3 до 4 години
Детето често ја менува раката додека црта или јаде и ни едната ни другата рака не се издвојува како попрецизна. Ова е сосема очекувано бидејќи развојот е во тек, па затоа само продолжете со непречено следење.
Возраст од 4 до 5 години
Детето и понатаму еднакво ги користи двете раце во задачите и нема јасна доминантна страна. Поради тоа, брзо се заморува при цртање или пишување бидејќи постојано ја менува раката. Ова е значаен сигнал дека латерализацијата доцни, па се препорачува повеќе да ги стимулирате моторните игри.
Возраст од 5 до 6 години
Детето сè уште нема дефинирано доминантна рака во секојдневните активности, тешко го држи моливчето и тешко му е да го следи правецот на пишување. Доколку во овој период истовремено забележите и тешкотии во говорот (неправилен изговор, сиромашен речник или граматички грешки), тогаш е задолжителна консултација со логопед.
Зошто е важна логопедската процена?
Доколку на возраст од 5 до 6 години детето сè уште нема јасно изразена доминантна рака и истовремено покажува тешкотии во правилниот изговор или граматиката, препорачливо е да се направи логопедска процена. Соодветните вежби ќе му помогнат на детето полесно да се подготви за школските обврски и пишувањето.