Прашањата беа поставени на денот кога пристигна пролетта. Одговорите на децата ги оставивме во изворна форма.

Кога доаѓа пролетта, зошто тревата е зелена, како да ја одржуваме природата да биде чиста? Своите размислувања за пролетта и екологијата со нас ги споделија најмалите. Деца на возраст од 3 до 10 години одговараа на неколку прашања поврзани со ова годишно време. Прашањата беа поставени на денот кога пристигна пролетта. Ова се прашањата и нивните одговори.

 

Кога доаѓа пролетта?

– Пролета доаѓа на 21 март… секоја година. (Андреа, 7)
– Денес. (Сара, 4)
– Сега. Дојде. Ама во ноќ е уште зима. Има ластовички, ама кога ќе биде есен, ќе си одат. (Аника, 4)
– Пролетта доаѓа на 21 март. (Григориј, 9)
– Денеска. (Виолета, 7)
– На 21 март (Ања, 10)
– Денеска… прво кокиче, па ливчињата доаѓаат, па после лето… (Новак, 5)
– Кога? (Михаел, 3)
– 21 март. (Мартин, 7)
– Пролетта доаѓа во март, после зимата. (Ведран, 6)
– Не знам. (Моника, 3)

Што носат штркот и ластовичката?

– Бебиња. (Мартин, 7)
– Штркот и ластовичките доаѓаат од југ и кога првпат ќе ги видиме, тоа значи дека доаѓа пролет. (Ања, 10)
– Штркот и ластовичките ја носат пролетта. (Новак, 5)
– Штркот носи храна, црвчиња и ги носи во гнездото за малите штркчиња. Ластовичката носи трошки што ќе паднат, смоки, чипс. Што ќе падне – тоа си јадат. (Сара, 4)
– Пролет. (Виолета, 7)
– Штрковите и ластовиците носат… пролет. (Григориј, 9)
– Јајциња. (Моника, 3)
– Ластовичката носи пролет. Штркот ја носи пролетта и носи бебе штрк. Ние ја поздравувавме пролетта во градинка надвор. (Аника, 4)
– Ти кажи ми. Носат јајца внатре со бебиња. Тогаш ќе имаме бебиња. Пилињата имаат едно бебе, ама е кафено тоа. Ама јаде тоа. Јаде лепче и мекица. (Михаел, 3)
– Штркот носи мали штркчиња. Ластовичката носи мали ластовичиња. Тие им се бебиња… ги учат како да летаат. (Андреа, 7)
– Штркот и ластовичката носат пролет. (Ведран, 6)

Зошто тревата е зелена?

– Затоа што доаѓа пролетта. (Виолета, 7)
– Најверојатно затоа што е растение. (Ања, 10)
– Зашто во пролет е зелена тревата, топло ѝ е. Значи, зашто јадела зелена торта. Јас ја боев зелена со водени бои, ама ако сакам и црвена ќе ја обојам. (Аника, 4)
– Затоа што има зелена боја. (Моника, 3)
– Тревата е зелена бидејќи доаѓа пролетта. Зелена е од природата, кога е зима, нема трева, има, ама целата е овената, и кога доаѓа пролетта не е студено и тревата расте. (Григориј, 9)
– Тревата е зелена зашто ја грее сонцето, и зашто ја полеваме со вода. (Новак, 5)
– Не знам. (Михаел, 3)
– Тревата е зелена затоа што е сончево. (Ведран, 6)
– Дојде пролетта и тревата ја доби својата вообичаена боја. (Андреа, 7)
– Зашто е пролет. (Мартин, 7)
– Тревата е зелена оти доаѓа пролет. (Сара, 4)

Како да ја одржуваме природата да биде чиста?

– Да не фрламе цигари, хартија од леб, од смоки, чипс и од грицки. (Сара, 4)
– Да фрламе ѓубре во канта.
– Да не фрламе отпадоци, правилно да го селектираме отпадот, да не ја загадуваме водата и околината околу неа. (Ања, 10)
– Да не фрламе ѓубре. (Ведран, 6)
– Ѓубре фрламе во канта, не кинеме цвеќиња, ние ги сакаме за да не сакаат и оние нас и се грижат за нас. (Аника, 4)
– Не треба да фрламе ѓубре, да не палиме оган, треба да садиме дрвја… (Новак, 5)
– За да биде природата чиста, не треба да фрламе ѓубре, можеме да земеме нешто за собирање ѓубре и да го фрлиме во контејнери или во канта. (Григориј, 9)
– За да биде чиста. Да ги фрлиме трошките во канта. И ќе земеме скали големи за дрво, па ќе се качиме, ќе застанеме, ќе се држиме за нешто и ќе ги бришеме работите. (Михаел, 3)
– Не треба да кршиме гранчиња, да не ги газиме цвеќињата, не треба да фрламе отпадоци наоколу, туку само во корпите за отпадоци. Луѓето што градат згради да внимаваат каде си ги оставаат работите, да не ги поклопат цвеќињата. Секој да си го средува својот двор. (Андреа, 7)
– Со цвеќиња. (Мартин, 7)
– Садиме цвеќиња. (Моника, 3)



912

X