Ако треба да издвојам еден момент кој најмногу ми значеше и ми остави најголем впечаток, тоа беше првиот пат кога застанав на сцената во Ереван. Чувството беше неописливо. Восхит, среќа, возбуда, сѐ одеднаш. Тоа беше првата проба што ја имавме и беше без публика, па можев само да замислам каков ќе биде погледот кога салата ќе биде полна, вели Лара Трпческа, една од претставниците на Детска Евровизија

Лара Трпческа, ќерка на пијанистот Симон Трпчески и наша надежна музичарка, беше една од претставничките на последната Детска Евровизија во Ереван, Ерменија. За патувањето до Ереван и времето поминато таму Лара вели дека е еден прекрасен и магичен сон кој засекогаш ќе ѝ остане во сеќавање.

– Секој ден од таа недела додека бев таму беше забавен затоа што имавме најразлични активности и успеав и покрај професионалната работа, многу да се забавувам и со другите членови од македонскиот тим, но и со другите учесници со кои воспоставив контакт и сум сигурна дека ќе продолжам да комуницирам. Ако треба да одвојам еден момент кој најмногу ми значеше и ми остави најголем впечаток, тоа беше првиот пат кога застанав на сцената во Ереван. Чувството беше неописливо. Восхит, среќа, возбуда, сѐ одеднаш. Тоа беше првата проба што ја имавме и беше без публика, па можев само да замислам каков ќе биде погледот кога салата ќе биде полна. А друг настан што ми предизвика најубаво чувство беше вечерта по настапот, на 11-ти, кога си го прославив роденденот точно на полноќ. Особено ми е мило што околу мене беа и некои од учесниците со кои најмногу се зближив во Ереван и се чувствував навистина прекрасно затоа што за толку кратко време ги засакав и јас нив и тие мене – споделува Лара.

Што значи претставувањето на Евровизија за тебе? Каков личен успех ти донесе?

– Можноста да ја претставувам Македонија на една манифестација каква што е Детската Евровизија ми претставува едно огромно задоволство, радост и уживав во секој момент, додека истовремено сѐ што правев во врска со Евровизијата го правев со огромна љубов и посветеност. Искрено, сѐ уште не можам да поверувам дека ова прекрасно доживување заврши, меѓутоа, навистина сум среќна што го доживеав и едвај чекам да видам што се подготвува иднината за мене. Најмногу ме радува тоа што се виде дека навистина вложив многу во настапот во Ереван и заедно со целиот тим достојно ја претставивме Македонија, но и тоа дека и другите фанови и учесници уживаа во нашиот настап и нашата песна, па дури и ја пеев заедно со некои од нив. Се вратив во Скопје горда, задоволна и среќна за успехот што го постигнавме, без разлика на пласманот што го остваривме, затоа што за мене беше победа самото тоа што застанав на таа сцена и уживав во секој момент додека бев во Ереван.

Каква порака сакавте да испратите преку „Животот е пред мене“ и вашиот настап? По што сакавте да ве запамети европската публика?

Нашата цел уште од почетокот на реализацијата на песната беше таа да биде весела, забавна и да не биде реплика на возрасните, туку да биде уникатна и соодветна на нашата возраст како што, всушност, треба да бидат и сите песни на Детската Евровизија. Мило ми е што на многу луѓе низ Европа, па и пошироко им се допадна песната и добив многу коментари дека уживаат додека ја слушаат. Пораката на „Животот е пред мене“, како што кажува и самиот наслов, е дека животот е пред нас и дека треба да уживаме во секој миг, има време да постигнеме сѐ што сакаме, и да ги зграпчуваме сите можности што ќе ни се укажат затоа што може навистина да уживаме во нив. Но, исто така, пренесува порака особено до нас тинејџерите и децата, дека треба да уживаме колку што можеме повеќе во детството и да не брзаме да пораснеме и да бидеме возрасни затоа што некои работи можеме да ги правиме само додека сме деца, а сѐ друго ќе си дојде во свое време. Мило ми е што не остана незабележано тоа дека ги оставивме срцата на сцена, затоа што навистина беше така. Пренесовме убава енергија, публиката уживаше во нашиот настап исто како што уживавме и ние и сметам дека тоа е најважно.

Ти се еден од идолите кај помладата популација. Какво влијание сакаш да предизвикаш кај младите, каков пример да им бидеш? И која е твојата порака до обожавателите?

– Мојата порака до обожавателите, а особено до помладиот дел од нив, би била да не се откажуваат од тоа што сакаат да го прават затоа што на патот до успехот ќе има многу пречки и предизвици, но треба да продолжат да се борат и да ги надминат. Исто така, дека треба да ги споделуваат и да им се радуваат на убавите моменти со тие што ги сакаат и им веруваат и знаат дека ќе бидат покрај нив во кој било момент. Споделувајте ја радоста со луѓето на кои искрено им значите и искрено се радуваат на вашиот успех. И најважно – бидете среќни затоа што ништо друго не е важно освен среќата и сите работи што доаѓаат со неа, се разбира. Поминувајте повеќе време со тие што прават да се чувствувате убаво и исполнето.

Што одигра најголемо влијание врз тебе како музичар?

– Јас сум уметник во душата генерално. Музиката е една од уметностите што ме привлекува и ми е мило што сум имала можност да се здобијам со прекрасни искуства досега во оваа гранка. Секако, големо влијание има тоа што сум порасната покрај професионален музичар, особено во правилно проценување на квалитетот. Оттаму, јас уживам и во класичната музика, а секако и во мојот личен избор на други стилови.

Како реагираш на претставувањето „Лара Трпческа, ќерка на Симон Трпчески“?

– Искрено кога ќе го слушнам или ќе го прочитам тоа претставување, можам само да кажам дека ми причинува задоволство. Горда сум на тоа што го прави татко ми и секогаш ми е мило кога ќе се расчуе за неговите успеси, додека тој е еден тотално едноставен човек.

Освен пеењето, кои се твоите други афинитети?

– Освен пеењето, уживам во уште многу уметности, како што се глумата, танцот, пишувањето, па дури и цртањето. Искусна сум и во свирењето на виолина. Уживам во сите нив, и искрено ми доаѓаат природно, и навистина ми е забавно. Но ако треба да одберам со кое од нив се чувствувам како дома, тоа би било пеењето секако, и глумата.

Што слушаш за своја душа?

– Најмногу слушам поп-музика и песни што имаат забавен ритам и прават убава, весела атмосфера, но понекогаш за релаксација или фокус слушам и џез и класична музика.

Кои се следните твои желби, амбиции? Во која насока сакаш да растеш како музичар, да се надградуваш?

– Искрено, би било многу тешко да се каже или одбере уште отсега, но секако би сакала да се посветам, надградувам и да уживам во што и да одберам. Има многу работи во кои веќе уживам, а како што растам, истражувам и испробувам сѐ повеќе работи, можеби ќе најдам и уште многу нешта кои ќе ми причинуваат задоволство, но во секој случај уметноста и музиката ќе продолжат да бидат составен дел од мојот живот, како и досега.

Фото: приватна архива



912

X