Минатата година во Македонија се родени вкупно 19.167 деца, од кои живородени се 19.031, а 136 се мртвородени деца, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Оттаму додаваат дека бројот на живородени деца во 2020 година, во споредба со претходната година, е намален за 4,1 %.

Во структурата според пол, кај живородените деца машките имаат поголемо учество, и тоа 51,5%, односно на 100 живородени женски деца 106,1 се машки.

Според месецот на раѓање, најголем број раѓања, 1.835, се регистрирани во месец јули.

Фото: Државен завод за статистика (printscreen)

– Според возраста на мајката, најголемо учество од 33,6 % имаат живородените деца од мајки на возраст од 25 до 29 години. Просечната возраст на мајката при вкупниот број раѓања е 29,1 години, а 27,5 години кај првите раѓања. Генерациската година на раѓање на мајката која се појавува како најфреквентна при раѓањето на детето е 1991 година – стои во соопштението.

Во 2020 година се регистрирани 19 живородени деца од мајки на возраст под 15 години.

Бројот на вонбрачни живородени деца изнесува 2.466 деца, или 13 % од вкупниот број живородени деца се вонбрачни.

Доколку ги анализираме податоците според општини, можеме да забележиме дека најмногу деца се родиле во Тетово, 1.036. Потоа следува Куманово со 996, Чаир со 937, па Аеродром со 790, Гази Баба со 750 итн. Во сите скопски општини лани се родиле 6.163 деца.

Најмалку деца се родиле во Зрновци, вкупно 6, а потоа следува Вевчани со 13, Градско со 15 итн.

Фото: Државен завод за статистика (printscreen)
Фото: Државен завод за статистика (printscreen)
Фото: Државен завод за статистика (printscreen)



912

X