Лактоферин е гликопротеин, чија структура содржи 703 аминокиселини. Припаѓа на семејството протеини чија улога е транспорт на железо.
Тој е еден вид сидерофилин кој сочинува најважна резерва за железото во млекото и еден од главните заштитници што мајката му ги пренесува на своето бебе (вроден имунитет)

Каде се наоѓа лактоферинот

Протеинот лактоферин не се наоѓа во ниедна друга храна освен во млекото на цицачите. Првпат е изолиран од кравјото млеко, каде што е присутен како протеинска компонента.
Хуманиот лактоферин (хуман –ЛФ) е аналоген со кравјиот (бовине-ЛФ) што се однесува до структурата и функцијата, но концентрациите на лактоферин се очигледно повисоки во мајчиното млеко во однос на кравјото.
Во човечкиот организам лактоферинот е присутен во биолошките егзокрини течности, се произведува во повисоки количини, особено во колострумот првите денови по актот на раѓање и му овозможува на новороденчето антитела, протеини, јаглехидрати, масти, витамини и минерали, значи основните материи кои се од суштинско значење за раст и зајакнување на имунолошкиот систем. Во помали количини лактоферинот е присутен и во солзите, плунката и во клетките на имунолошкиот систем – се ослободуваат од активираните неутрофилните гранулоцити. На овај начин концентрациите на лактоферин во плазма и во фецес се зголемуваат за време инфекции и воспаленија, а ова е како последица на регрутирање на неутрофилите.

Улога на лактоферинот во организмот

Овој гликопротеин има способност да го врзува железото и да го транспортира во крвта. Поради ова причина, земањето лактоферин во синергија со железото може да биде и од корист за тие што страдаат од дефицит на железо.
Освен ова, лактоферинот врши антибактериско и антивирусно дејство. Помага за зајакнување на природниот имунитет на човековото тело, и тоа на начин што спречува навлегување на туѓи агенси. Поради оваа причина, користењето лактоферин може да биде од полза за зајакнување на имунолошкиот систем особено во периоди на експозиција на ниски надворешни температури и за време на сезонските болести.

Суплементи на лактоферин

Индикации за употреба на суплементи (додатоци) базирани на лактоферин се:

  • Намален имунитет.
  • Бактериски инфекции.
  • Вирусни инфекции.
  • Феродефицитни анемии (анемија поради недостиг на железо), особено кај трудници.
  • Гастроинтестинални нарушувања.
  • Нега на предвремено родени бебиња.
  • Избегнување остеопороза зголемен е интересот кај научниците за употреба на лактоферин и во терапија за остеопороза, како профилактична мерка како силен анаболик, за нормализација на густината или дензитетот на коските овозможувајќи им на коските цврстина).
  • Регулирање и одржување на нормалните вредности на шеќерот во крвта (кај лица со високи вредности на лактоферин во крв, има помали вредности на гликемија, но и поголема осетливост кон инсулин).
  • Најдобри додатоци се тие што содржат минерали во својот состав, така придонесуваат за понормално функционирање на имунолошкиот систем. Еден од нив е цинкот, минерал присутен и во човековиот организам, но во мали количини, а е од суштинско значење за здравјето. Главните функции на цинкот се во врска со нормалното и правилно функционирање на имунолошкиот систем.
  • Количината на внесот на лактоферин преку млекото е многу ниска во споредба со директното додавање преку суплементите што содржат лактоферин. Поради оваа причина и поради горенаведените особини на лактоферин, може да биде многу корисно да се зема периодично.
  • Обично се препорачува циклус од 6 до 8 недели користење, а потоа пауза 1-2 недели помеѓу еден и друг циклус.
  • Максимална препорачана доза на ден е 200 мг/ден. Во оваа ограничена доза нема никакви контраиндикации.

Дали содржи лактоза?

Лактоферинот е протеин од млекото и поради оваа причина може и да има мали траги на лактоза, но во количини што не причинуваат проблеми за здравјето на лицата кои пријавуваат интолеранција кон лактоза.

Дали може да го користат и лица што имаат дијабетес?

Може да го користат и лица што боледуваат од дијабетес бидејќи суплементите на лактоферин содржат природен засладувач погоден за дијабетичари.

Лактоферинот и респираторни инфекции

Од причина што респираторните инфекции обично се предизвикани од бактерии и вируси, за нивна редукција се користи и лактоферин суплемент кој е познат по антибактериските, антигабични, антивирусни, антиинфламаторни и антиоксидантни својства. Обично овие суплементи се користат во сезона на настинки и грип.
Од направените студии се докажа дека користењето лактоферин при респираторни инфекции кај возрасни: ја намалува бројката на ИЛ-6, но не и на ЦРП, додека кај новороденчиња и кај деца битно се намалува инциденцијата на респираторни инфекции, па поради оваа причина се фаворизира користењето на колострумот, кој содржи високи концентрации на лактоферин (7г/Л) и користењето млечни формули кои содржат лактоферин.
Од тестирања со псевдовируси се покажа дека лактоферинот има битна улога при одбрана од акутен респираторен синдром, Covid-19, E.colli, Clostridium, H.pylori, S.aureus, C.albicans.
Третманот со лактоферин спречува раст на вируси, така што спречува навлегување во клетките и цитопатски ефект по инокулација со обични респираторни вируси вклучувајќи го респираторниот синцицијален вирус, како и вирусот на грип.
Лактоферинот има значајна улога во одбраната од вообичаените вирусни инфекции зголемувајќи го производството на интерферон тип 1, зголемувајќи ја активноста на NK-клетките и Т-helper клетките од тип 1 (Th1).


Одбранбените функции на лактоферинот може да бидат и зависни и независни од способноста за врзување на железото.
Познат по имунолошките особини, обично лактоферинот се користи при сезонски настинки и грип.

Лактоферин и гастроинтестинални инфекции

Лактоферинот има неколку физиолошки функции што се во врска со одбрана на гастроинтестиналниот тракт. Антимикробните особини се гледаат во способноста на лактоферинот да го одзема железото од биолошките течности и/или да ги уништи мембраните на микроорганизмите. Исто така, лактоферинот е познат по способноста за стимулација на пролиферација на клетките. Антиинфламаторното дејство на лактоферинот се гледа во способноста да навлезе во леукоцитите и блокирањето на транскрипцијата на нуклеарниот фактор Kappa-B. Имајќи ја предвид улогата на лактоферинот во спречувањето на инфективните болести кај новороденчињата и доенчињата што се на мајчино млеко, млечната индустрија користи техники на генетски инженеринг со цел создавање и вметнување на рекомбинантен лактоферин во адаптираните млечни формули. Ова има цел млечните формули по состав да бидат послични со мајчиното млеко.
Во мајчиното млеко се откриени повеќе од 90 олигосахариди и секоја од нив може поединечно да спречи инфекција на тој начин што ќе се залепи за цревните ѕидови и ќе оневозможи продор на причинителите и развивање на инфекции. Мајчиното млеко содржи IgA- антитела кои се врзуваат со микроорганизмите и спречуваат нивно врзување со цревните ѕидови. И додека антителата се насочуваат на специјален и специфичен начин кон одреден микроорганизам, најважниот протеин во мајчиното млеко лактоферинот дејствува пошироко и може да убива бактерии, вируси, габи, а има и антиинфламаторен ефект на тој начин што дејствува на намалување на болката и температурата кои се настанати од самата инфекција.
Лактоферинот влијае врз одржувањето здрав ГИТ и ја одржува рамнотежата на цревната флора на човекот: спречува раст и развиток на штетните бактерии кои произведуваат токсини, како што се Listeria, Staphylococcus, Salmonela, Clostridium, и E.colli, го намалува нивото на бактериски токсини во цревата, ги чува имунолошките клетки од стрес, го намалува нивото на производство на штетни азотни материи во цревата, а како второ, стимулира раст на соеви на корисни бактерии во човековите црева, како што се Bifidobacter.

Во процесот на варење на храната и лактоферинот во цревата се формираат пептиди (протеински деривати) – кои битно помагаат во растот на бифидобактериите, а од друга страна самиот лактоферин помага и стимулира раст на lactobacillus acidophills 37, и како што е познато двете латобактерии помагаат во одржувањето на здравјето на цревата на тој начин што ја одржуваат бактериската рамнотежа.

И погоре споменавме дека лактоферин се ослободува од активираните неутрофилни гранулоцити, неговите концентрации во плазма и во фецес растат во тек на инфективни и инфламаторни процеси поради регрутирање на неутрофилите, па поради ова фекалниот лактоферин служи како маркер на интестиналните инфекции кај пациенти со пролив.

Хуманиот лактоферин има и антипаразитско дејство во ин витро експерименти, па затоа се користи заедно со Metronidazol во третманот на паразитарните заболувања и тоа предизвикани од: Entamoeba Hystolitica, Giardria intestinalis, и Cryptosporidium Parvum.

Како заклучок може да кажеме дека хуманиот лактоферин е пептид со голем потенцијал за превенција на заболувањата, особено на гастроинтестиналниот тракт. Научните докази за одбранбените ефекти на хуманиот лактоферин ги зајакнуваат уште повеќе препораките за доење.

Автор: д-р Вулнет Бектеши, спец. педијатар –неонатолог, ЈЗУ Општа болница – Струга



912

X