Девојка топлес на плажа никому не му пречи. Госпоѓа со убави голи гради на плажа исто така е ок. И тангите се прифатливи, без разлика дали задникот е затегнат или е малку преголем и полн со целулит, но затоа многумина ако видат млада мајка скриена под чадорот за сонце како дои бебе, попрво би ја избркале и би ѝ порачале да го прави тоа затворена во четири ѕида?!
Од каде излегоа сите тие пуританци на кои им пречи нешто толку нормално, природно и корисно? Зошто мајките што дојат се оптоваруваат со мислењето и коментарите на небитни луѓе? Како да се избориме со предрасудите?
Интересот за оваа тема, нормално, расте на почетокот од летото, за време на годишните одмори, кога многу мајки, за жал, престануваат да го дојдат своето бебе поради прекорните погледи што ги добиваат на плажа, во рестораните, на шеталиштата, иако летувањето е всушност причина да истраат.
Знаете, ладно пиво, кафе за носење и сендвич може да се купат на секој чекор, за разлика од млекото за бебиња. Бебето мора да јаде во моментот кога е гладно и точно на местото каде што се наоѓа кога ќе огладне. Не е важно дали тоа е плажа, планинска патека, клупа покрај езеро – дајте му на бебето да цица.
За разлика од млечните формули, мајчиното млеко е секогаш спремно и достапно. За оброк од вештачко млеко ви се потребни стерилни шишиња, млеко во прав, термос со топла превриена вода, слободни и чисти раце да го припремите оброкот, а тоа е многу покомплицирано и поризично да се прави на јавно место.
Заборавете ги луѓето од вашата околина, сместете се удобно, прекријте се со марама или пелена и нахранете го бебето.
Прекривањето не е за луѓето што се околу вас, туку за бебето, да може на мир да јаде.
Мислењето на околината не треба да ве интересира. Всушност, тие имаат избор – да ја свртат главата на друга страна доколку им смета мајка што го храни своето дете.