Воспитување

Лабковски: „Како што ќе му се обраќате на детето во детството, така тоа ќе ви се обраќа на старост“

Рускиот психолог Михаил Лабковски е познат по своите едноставни и директни совети. Еве што предлага кога станува збор за воспитувањето на децата:

1. Несреќни родители не можат да воспитаат среќно дете. Ако родителите се среќни, и детето ќе биде среќно.

2. Родителите грешат кога сметаат дека проблемот е во детето. Да кажеме: едното дете е успешно, се бори за себе, самозадоволно е, додека другото е искомплексирано, агресивно или страшливец. Тоа е знак дека нешто не штима: на едно од децата не сте му дале доволно внимание и љубов. Детето било чувствително, му била потребна вашата љубов, а вие не сте го виделе тоа навреме.

3. Често ги мешате воспитувањето и грижата. Грижа е детето да биде облечено и нахрането, а воспитување е детето да добие добро образование (на училиште и дома).

4. Како што вие ќе му се обраќате на детето во детството, така тоа ќе ви се обраќа вам на старост.

5. Училиштето би требало да ги учи децата повеќе за животот, а помалку математика и јазик. Училиштето мора да го научи детето: да ги решава своите проблеми, да изгради добри односи, правилно да располага со своето време, да знае да комуницира…

6. Ако детето бурно реагира на лоша оценка или на лош успех во спортот, тоа е одраз на самите родители. Ни едно дете нема да реагира бурно на лошата оценка ако родителот смирено му кажал: „Па добро, се случува, не грижи се…“
Ако родителот е мирен, и детето ќе биде мирно, па со текот на времето ќе најде начин како да биде подобро на училиште и без оптоварување да го постигне својот спортски успех.

7. Ако детето во основно училиште не може да ја следи програмата, проблемот не е во детето, туку во училиштето. Секое дете во текот на првите години од основното училиште треба да ја заврши домашната задача за 15 до 45 минути, и тоа е тоа. Тешкото не значи подобро. Детето не треба да се преоптоварува.

8. Казнувањето на детето некогаш е неопходно. На пример: Ако сте се договориле кога ќе дојде од училиште да ја заврши домашната задача и да ја исчисти куќата, а кога ќе се вратите дома од работа гледате дека ништо не направило од тоа и седи и гледа во телефонот, вие треба да го направите следното:
Немојте да беснеете и да викате. Едноставно, пријдете му смирено и кажете му дека му го одземате телефонот бидејќи не го направи договореното. Детето ќе биде казнето со одземање на телефонот. Нема потреба од викање или од некоја друга дисциплинска мерка.

9. Не поткупувајте го детето со пари. Едноставно, давајте му една иста сума што ќе ја користи за тоа што му треба. Секое дете постаро од 6 години треба да има џепарлак. Водете сметка на што детето ги троши парите, но никогаш не смеете да го уценувате или да го поткупувате со пари.

10. Научете го детето самостојно да го живее својот живот. Како ќе го направите тоа? Престанете да одите по него, да ги средувате неговите работи, да ги раскревате неговите садови, да учите за него… Што ќе прави кога ќе ве нема во близина? Сфатете дека детето може само да направи некои работи. Имајте доверба во него.

Ако детето во основно училиште не може да ја следи програмата, проблемот не е во детето, туку во училиштето

11. Паметните одат на факултет: учат, се образоваат… Другите одат на работа да заработат и да се издржуваат, да се пронајдат… Не е лоша ниту едната ниту другата опција. Дозволете му на детето само да одлучи по кој пат ќе оди…

12. Јас сум против постојан надзор над децата. Детето мора да знае дека сте тука за него, дека го сакате и почитувате, дека му верувате. Тоа е единствениот начин да го заштитите од лошо друштво. Детето кое е сигурно во своето семејство нема да западне во лошо друштво.

13. Ако родителот разговара со детето само за проблеми, тогаш тој има проблем. Со децата мора да се разговара за животот воопшто.

14. Детето мора да почувствува дека неговите родители се добри, но и силни луѓе. Само детето на такви родители може да биде добро и силно дете!

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top