Без разлика дали сте вработен или родител кој останува дома, едно е сигурно: животот е полн со обврски. Родителите често преминуваат од една задача на друга, со мала или без пауза. Ние сме чувари на распоредот, подготвувачи на оброци и поправачи. Ние сме, исто така, забавувачи од светска класа, помагачи за домашни задачи, помагачи за наставниците и (неофицијални) социјални работници. И да не заборавиме на нашата најважна работа – шофери. Возењето на нашите деца до училиште и на воннаставни активности е работа, сама по себе.

Се разбира, нема доволно часови во денот за задачите што се на располагање. Но, хаосот од секојдневниот живот не влијае само врз нас, туку влијае и врз нашите деца и квалитетот на времето што го поминуваме заедно. Истражувањата покажуваат дека квалитетното време влијае врз односот родител-дете, што на крајот влијае врз социјалниот и емоционалниот развој на децата. Значи, кои се различните начини да поминете квалитетно време со вашите деца?
Прочитајте неколку од нив кои ќе ви помогнат подобро да ги запознаете своите деца и да ги натерате да се чувствуваат ценети, поддржани, сакани и разбрани.

Дневни проверки

Веднаш штом вашите деца ќе се вратат од училиште, ќе прашате како им поминал денот и, девет пати од 10, ќе го добиете одговорот „добро беше“. Но, дали навистина било така? Без разлика дали е за време на вечерата или кога ги ставате в кревет, одвојте време да дознаете како навистина им поминал денот. Што било најинтересното нешто што го научиле на час? Дали пробале нешто ново за ручек? Со кого си играле на одмор? Клучот за овие разговори е да ги направите помалку како рутинско испрашување, а повеќе да креирате ситуација за квалитетно поминато време, зборувајќи за работи што се важни во секојдневната рутина на вашето дете.

Специјални ритуали, како што се времето за капење и пред легнувањето

Ајде да се соочиме со тоа: животот се движи понепречено кога се присутни рутините. Тие ни помагаат – и на нашите деца – да знаеме што да очекуваме и што следува. Но, наместо да го користите ова време за да брзате во моментите пред спиење, на пример, искористете го за да создадете квалитетно време со вашите деца. Пејте му на вашето дете додека се бања, избирајќи омилена песна или нова мелодија што и двајцата штотуку сте ја слушнале. Направете го четкањето на забите игра. Ако вашето дете е во вселената, на пример, можете да се преправате дека уништува астероиди со секој удар. И прочитајте приказна пред спиење. Ако вашето дете е постаро, нека ви чита. Кога одвојувате време да споделите работи што го будат нивниот интерес, децата се чувствуваат слушнати, видени и ценети.

Прославете ги достигнувањата и добро завршената работа

Секогаш кога имате можност да ги прославите вашите деца, направете го тоа! И не, не зборуваме само за тоа кога ќе добијат петка или кога ќе се претстават исклучително добро на спортски настан. Дали тие излегле надвор од нивната комфорна зона за да пробаат нешто ново? Дали дале сѐ од себе и вложиле многу работа во еден проект? Прославувањето на нивните успеси е одлична можност за квалитетно поминато време и тоа го зајакнува позитивното однесување.

Дозволете им на вашите деца да изберат

Може да биде тешко да им ја препуштите контролата на вашите деца, но, верувале или не, нивните барања за квалитетно време можеби не се толку чудни како што мислите вие. Прашајте го вашето дете како сака да го поминува времето со вас. Дали сака да играте заедно, да боите или да изработувате нешто? Можеби да организирате забава за танцување? Да им се даде моќ на избор не е само зајакнување, тоа може да биде пријатно изненадување, односно може да научите нешто за нивните интереси што не сте ги знаеле претходно.

Чувајте ги технолошките уреди настрана

Буквално нема спас од технологијата во вашиот секојдневен живот. Од училиште и работа, екраните се насекаде. Тие играат витална улога во нашите животи. Сепак, поминувањето квалитетно време со вашето малечко не мора да вклучува никаква технологија. Друштвените игри се одличен начин за поврзување. Спортовите се активни и привлечни, а можете и да танцувате или да пеете. Важно е да си играте и да ги разбудите интересите на вашето дете.

Договорете состанок со детето

Планирајте одредено време во вашиот распоред што е слободно и изведете го вашето дете во градот. Можете да сликате на керамика, да одите во библиотека, па дури и да одите на пикник во парк. Квалитетното време не е за количината на време (или пари), туку за тоа што правите заедно, за да создадете спомени.

Семеен филм или ноќ за игра

Друг забавен начин да поминете квалитетно време со вашите деца е да ги запознаете со игри и претстави со кои сте растеле како дете. Многу игри вклучуваат стратегии и математички вештини, кои помагаат учењето да биде забавно. Многу стари емисии и филмови сè уште раскажуваат безвремени приказни, а вие и вашите деца ќе бидете изненадени од тоа колку брзо лета времето кога се забавувате заедно.

Гответе заедно

Децата мора да јадат, па дури и најпребирливите јадачи ќе имаат можност да помогнат во планирањето и/или подготвувањето на сопствените оброци и закуски. Не само што имањето автономија над нивниот избор го буди нивниот интерес за измислување креации, туку и готвењето е пример во реално време да им покажете на вашите деца дека нивните идеи и мислења се важни.

Имајте ден за „да“!

Кога родителите спроведуваат ваков ден, тие во суштина се согласуваат да кажат „да“ на секое барање на нивните деца… цел еден ден. Додека некои родители се муртат и ги превртуваат очите од таа помисла, кажувањето „да“ цел ден нема да предизвика баш таква главоболка како што очекувате. Всушност, постои истражување кое го поддржува ова. Д-р Камала Лондон, професор по развојна психологија, претходно споделила дека истражувањата откриле оти колку што води до среќа кај луѓето, не само кај децата – кажувањето „да“ дава чувство на контрола во околината, а децата често немаат чувство за контрола.

Автор: Холи Гарсија

Извор



912

X