Црвените точки што се појавуваат и исчезнуваат не ги заинтересираа потенцијалните купувачи како што се претпоставуваше
Кукла што пред еден месец ја лансира на пазарот позната италијанска куќа за играчки ги згрози родителите и здравствените работници во земјата. Имено, куклата-бебе е заразена со мали сипаници- морбили, а со оваа играчка девојчињата добиваат и крпа и фластери со чија помош куклата се „лекува“.
Црвените точки што се појавуваат и исчезнуваат не ги заинтересираа потенцијалните купувачи како што се претпоставуваше, туку рекламата за куклата предизвика бран на огорчување.
Лекарите и родителите во Италија се лути, а еден вирусолог иронично прокоментирал дека чека во продажба да се појават и кукли „со лимфоми и со менингитис“, како и дека ќе оди да ги купи со „антиваксери“, пишува италијанска „Република“.
На тој коментар одговорил основачот на компанијата што ја лансирала куклата: „Тој зборува глупости“.
Промовидеото за новата кукла е прикажано на социјалните мрежи на 1 април, па затоа многумина се посомневаа дека станува збор за првоаприлска шега со маркетиншка цел.
Меѓутоа, куклата „Чичобело Морбилино“ навистина постои, со црвени точки по лицето и по рацете, во комплет со крпа и фластери и со порака: „Како добра мајка, помогни ѝ да се ослободи од оваа здодевна болка така што триејќи со крпата и мачкајќи ја со кремот, точките магично ќе исчезнат“.
Лекарот и новинар Салво ди Грација, на друштвените мрежи познат како MedBunker, бил уште погруб од вирусологот: „Внимавајте, во некои пакети од оваа кукла крпата не работи, па таа завршува на интензивна нега, интубирана, со вирусен енцефалитис“.
Многу родители и лекари се загрижени поради овој производ во време кога вакцинацијата на деца не е баш фаворизирана, како и поради сфаќањето за тоа што можат да предизвикаат малите сипаници и мислат дека ова може да доведе до потценување на патологијата. Можеби дури и до непочитување кон оние што се борат со сериозните последици на оваа болест.
Администраторите на фејсбук-страницата „IoVaccino“, која се занимава со промовирање на вакцините и превенцијата, иронично потсетија дека куклата се вика „Морбилино“, а не „Морбило“, па тие црвени точки би можеле да претставуваат исипи кои понекогаш се појавуваат по вакцинирање и дека на тој начин неформално се препорачува: „Куклата е добро, здрава е, заштитена и не е заразна! Всушност, ако куклата има мали сипаници, не би се продавала со магична крпа и фластери, туку со комплет за интубација на дишните органи, респиратор за дишење и со течност која треба да се даде интравенозно“.
: