Соработничката на Деца.мк редовно расчистува многу од дилемите на родителите поврзани со оралното здравје. Одлучивме да ѝ ѕирнеме во секојдневието, па и „искористивме“ одговор на уште некое прашање за децата

Во секоја активност ги користи срцето и душата, а особено кога работи со деца. Магдалена Стојановски, стоматолог, верува дека тоа е тајната на успехот. Колку и да е тешко да се организираат активностите кога се работи во смени и кога мора да се вклопат со оние на уште еден доктор, и тоа хирург, таа е вљубена во работата со дечиња. Им ги дава извадените запчиња за да ги стават под перница и забната вила да им донесе подарок, интервенира со омилените детски песнички, а неретко и ги потпевнува и сè што прави се обидува да е низ смеа.

Д-р Магдалена Стојаноски успешно го компонира мајчинството со работата. Соработничката на Деца.мк редовно расчистува многу од дилемите на родителите поврзани со оралното здравје. Одлучивме да ѝ ѕирнеме во секојдневието, па и „искористивме“ одговор на уште некое прашање за децата.

– Уште како мала, на шест години, сама одев на стоматолог и воопшто немав страв. Дури и си замислував дека и јас ќе поправам заби кога ќе пораснам. Верував дека тоа што го прави стоматологот е премногу важно. Оваа желба ме следеше цело време – раскажува докторката.

Стојаноски вели дека задоволството во работата дава совршеност во делото.
Не е лесно да се спојат мајчинството и кариерата, но со добра организација успехот е неизбежен.
– Се разбира, секогаш предност има мојата фамилија. Иако е многу тешко да се најде време за сè, особено затоа што јас работам во смени, а и мојот сопруг, кој е доктор, исто така често е отсутен заради дежурства, доедукација… Имаме среќа што голема помош добиваме од бабите и дедовците, тие ни се поддршка и ни овозможуваат да ги комбинираме обврските од двете улоги, но и да уживаме во задоволствата – вели Магдалена.

Се менува свеста на родителите

Таа е другарка на многу дечиња, чувар на здравјето на нивните запчиња и има успешни методи со кои го победува стравот на најмалите од заболекар.

– Најчеста причина поради која децата доаѓаат во ординација се кариес на млечните запчиња и болка. Исто така, често доаѓаат за вадење на расклатените млечни заби, тогаш се многу среќни поради тоа што ќе им никнат нови заби. Некои ми раскажуваат како дома се обиделе да го извадат разнишаното запче, со конец закачен на врата, на автомобилче на далечинско…, а повеќето веруваат дека вечерта самовилата ќе дојде, ќе го земе првото паднато запче и ќе им остави подарок. Повеќето дечиња бараат да им го дадам запчето за да го однесат дома. Многу се возбудени. Мене како стоматолог ми е многу мило што децата се поопуштени во ординацијата и си заминуваат со насмевка – вели д-р Стојановски.

Потенцира дека е многу среќна што се менува свеста на родителите за оралното здравје, за исхраната и навиките на децата. Сепак, додава дека сите имаме уште работа.

– Можам со задоволство да кажам дека се развива свеста на родителите во однос на оралното здравје на нивните дечиња. Зголемена е посетеноста и редовно доаѓаат на контроли во ординација, а и повеќе се грижат за правилната орална хигиена. Но не би можела да кажам дека имаме помалку расипани запчиња од порано. Мислам дека тоа се должи на лошата исхрана, односно големата застапеност на шеќери во храната. Денес децата често пијат сокчиња кои содржат многу шеќери, јадат слатки, колачи… Сите тие се причина за кариес – објаснува нашата соговорничка.

Играчки и многу насмевки

Таа е задоволна што имаме голем број семинари, конгреси, предавања за современите методи и техники на работа во стоматологијата. Сите тие сè повеќе се воведуваат во секојдневната работа и практика, колку што тоа го дозволува стандардот во нашата земја.
Сепак, најзначајната метода барем за почеток на интервенцијата не е поврзана со предавања.

– Како основна метода во работата со деца ја користам насмевката и пријателската комуникација, така се чувствуваат пријатно во ординацијата. Соработката со родителите, пак, помага за успешна интервенција и третман кај детето – вели Магдалена.

Ќерките Елена и Галина

Честопати првата посета е само запознавање. Децата се појавуваат со кукли, па со докторката поправаат некое запче на куклата.
– Понекогаш им ја пуштам омилената песна за да се чувствуваат попријатно. За почеток правиме некоја помала безболна интервенција за да види детето дека не е страшно – раскажува Магдалена.

Докторите мислат на своите пациенти и кога ќе си дојдат дома.

– Сум имала посериозни случаи и кај деца и кај возрасни и навистина грижата е голема. Најчесто тоа биле дечиња со оток и болка. Последниот случај беше кај детенце од 5 години што си ги повредило предните заби откако паднало од велосипед, а имаше и повреда на непцето. Во вакви ситуации едвај чекам да дојде утрото за да се јавам и да видам дали сè поминало како што треба, дали детето е добро. За среќа, сите случаи завршија со успешна терапија и успешен резултат – вели докторката.

Магдалена многу рано почнала да ги учи своите деца на навиките за орална хигиена. Но, не е престрога.

– Галина има 4 години, а Елена 14 месеци. Колку што можам, се трудам да јадат здрава храна, а за среќа не се љубители на слатки. Галина речиси и не сака ништо благо, а сокчиња пие многу ретко. Таа одлично ги прифати моите совети, а Елена сè уште e малa за сама да ги мие запчињата – додава таа.

Стојановски ги советува родителите да не ги плашат децата со лекари, да ги носат на стоматолог уште додека се многу мали, без разлика што немаат проблеми со запчињата, а и колку што можат да внимаваат на внесот на шеќери, кој не е опасен само за забите. Навиките се стекнуваат од мали нозе, вели таа.



912

X