Се мислам да земам курс по кучешки јазик. Оваа желба ми е посилна откако ја прочитав книгата „Кучешки приказни од Тафталиџе 1“ од авторката Јасмина Кантарџиева-Димков. А всушност, „странски“ јазик најдобро се учи кога сме изложени на него. Па така, доколку сакаме да научиме кучешки, мачешки, зајачки или друг животински јазик, само треба повеќе да се дружиме со животни. Мислам дека нема позабавно друштво. И самата дома имам една мачка (убавицата што заедно со мене ги чита книгите што ви ги препорачувам) и бушав зајак, и секој ден се трудам да станам подобар говорител и слушател на тоа што го зборуваат тие. Од друга страна, пак, интересно е што животните многу полесно се разбираат меѓусебно, независно од тоа што, на пример, кучето авка, а мачката мјаука… Исто така, ним не им е важно дали нивното другарче живее на улица или во влез од некоја десеткатница, или е згрижено во нечиј топол дом.

Слично е и во скопската населба Тафталиџе 1, каде што владее вистинска животинска хармонија. Ја одржуваат другарствата помеѓу маалските кучиња. Некои од нив се расни и имаат дом, а другите се миленици на улицата и за нив се грижат повеќе родители (најчесто деца!). И ги има секакви: големи, мали, дебелки, слабички, брзи, бавни, болникави (ама не страшно, туку само склони на настинки)… а што е поважно – секое од кучињата има свој уникатен карактер.

Предводничка им е кучката Дикси, миленичката на момченцето Лука. Нивните игри и веселоста се безгранични, сè до оној момент…

Во локалната продавничка се случува организиран грабеж, а првоосомничени се петтемина палавковци што ги чува Сара, ќерката на тетка Наде, инаку сопственичка на продавничката. Истовремено, пак, во маалото живее еден злобен човек кого никој не го дружи (освен добродушниот полицаец, чичко Миле) и од неодамна – цела тајфа мачки. Не, немојте да мислите лошо за мачките само затоа што се дружат со лош човек. Тоа само треба да ви каже дека животните се толку добри суштества што лесно се подведуваат под нечие штетно поведение. Така е и овој пат…

Додека трае детективскиот случај, се редат секакви случки. Има и тажни, но и такви со весел крај (помеѓу две кученца се раѓа голема љубов). Најважно е дека правдата излегува на виделина. А вие, ако сте заинтересирани за учење животински јазик, прочитајте ја прво оваа книга зашто е буквар за совладување кучешки, мачешки и човечки јазик… Токму така – од неа ќе научите одредени животински фрази, па и човечки фази што ќе ве научат на добро и лошо однесување.



912

X