Крвавење од носот често се јавува кај децата, особено во текот на вирусни инфекции и во студените периоди од годината. Настанува одненадеж, често и во текот на ноќта додека детето спие.

Носната слузница е богата со капилари, особено носниот септум (преградата), каде што крвавењето најчесто и започнува. Во предниот дел од носниот септум се наоѓа сплет од капилари. Тој е сместен во самата носна слузница која е изразено тенка (еден до два милиметри), така што секоја повреда на слузницата може да доведе до крвавење.

Зошто крвави носот?

Крвавењето од носот најчесто е предизвикано од механичка повреда (туркање прст или некој предмет во носот), веќе споменатото вирусно или бактериско воспаление на слузницата, сувост на воздухот, алергиски промени на слузницата, земање лекови, прекумерно изложување на сонце, како и прекумерен физички напор. Ретко може крвавењето да настане поради некои патолошки состојби: покачен крвен притисок, срцеви болести, анемија, згрутчување на крвта. Крвавењето кај децата во 90 отсто од случаите е од предниот сегмент на носот, обично е помало и умерено, поминува спонтано или со мала интервенција.

Како да се помогне?

Најпрво треба да се издува носот, потоа да се стисне со палец и показалец, да се држи неколку минути со главата лесно наведната нанапред (заради контрола на крвавењето). Ако крвавењето не престанува, потребен е лекарски преглед. Ако крвавењето од носот се повторува повеќе пати во текот на десет дена или еден месец, детето мора да го прегледа оториноларинголог и педијатар ако се потребни дополнителни анализи.

Автор: д-р Светлана Бела Кланцир/ специјалист педијатар

Извор



912

X