Стравот од срам го промени начинот на кој ги воспитуваме децата денес
На прв поглед може да претпоставиме дека социјалните медиуми имаат позитивно влијание врз родителите. На крајот на краиштата, нема подобар начин од тоа цело село да воспита ментално силни деца.
За жал, тоа обично не е така. Наместо тоа, денешниот свет е исполнет со луѓе што сакаат да им судат на другите за тоа како ги воспитуваат нивните деца врз основа на една слика објавена на социјалните мрежи. Земете го, на пример, „Фејсбук“. Ако споделите слика од вашето дете како јаде плескавица – веднаш ќе изреагираат родителите: „Јас никогаш нема да му дозволам на моето дете да консумира толку многу калории во едно јадење“. Или, на пример, ако поставите фотографија од вашето дете како ужива на плажа, некој ќе ве потсети: „Преголемата изложеност на сонце е лоша за децата“.
Очигледно ваквите напади немаат намера да инспирираат позитивни промени. Наместо тоа, имаат цел да ги засрамат родителите, за тој што засрамува да се чувствува подобро.
Без разлика дали станува збор за магазин што критикува позната личност дека не се вратила на тежината пред бременоста или коментари дали трагичната несреќа претставува занемарување од страна на родителите – луѓето брзо донесуваат одлуки и ги критикуваат напорите за одгледување деца кај сите.
Меѓутоа, ова влијае врз сите родители – и не само оние што добиваат коментари со омраза. Грубите коментари поттикнуваат страв кај родителите што не сакаат да бидат перципирани како лоши родители. Секако, ова влијае врз начинот на кој родителите ги воспитуваат своите деца денес. Прочитајте како.
1. Не им дозволуваат на децата да доживеат неуспех
Родителите се плашат дека ако нивните деца не успеат во нешто, ќе ги покажат во лошо светло, односно ќе ги покажат како лоши родители. Така, на некој начин тие ги поштедуваат своите деца од неуспех и не им дозволуваат да направат грешки.
На крајот, децата губат вредни животни лекции и ментална сила што можат да ја добијат само со доживувањето неуспех. И ако не научат како да се вратат по неуспехот додека се млади, тие нема да успеат да се соочат со неуспехот како возрасни личности.
2. Ги кријат своите грешки
Никој не сака да добива критика и да биде осудуван. Затоа, во обид да го избегнат небараниот совет, родителите често ги кријат грешките што ги направиле како родители.
Наместо да добиеле поддршка од другите кога рекле нешто за кое подоцна зажалиле, или кога се однесувале лошо, родителите ги чуваат своите погрешни чекори во тајност. А тајноста може да доведе до поголеми грешки.
3. Ги губат своите вредности
Некои родители ги менуваат своите навики за воспитување за да не изгледаат како лоши родители. Тие се толку зафатени во обидот да изгледаат како совршено семејство на социјалните медиуми, што не работат на решавање на вистинските проблеми. И децата се тие што ќе страдаат од долгорочните последици.
Родител според сопствените верувања
Кога станува збор за подигнување и воспитување деца, не постои правилен или погрешен начин. Постојат многу различни начини да им помогнете на децата да станат одговорни возрасни лица.
Клучот за воспитување добри деца е да бидете најдобрата верзија од себеси – да бидете доволно ментално силни за да воспитувате според вашите вредности. Кога сте сигурни во она што сте и како ги воспитувате вашите деца, другите луѓе нема да имаат што да кажат.