Не е невообичаено да се види цело семејство да е посветено на иста професија, особено ако се работи за занает, но чести се и семејства на лекари, адвокати, па дури и актери. Во Холивуд многу деца тргнаа по стапките на своите родители, па веќе имаме сосема нови генерации актери, а на некои од нив дури и ги познававме нивните баби и дедовци од екраните…
Сепак, некои повеќе би сакале нивните деца да не ги следат нивните стапки. Кристина Ричи е една од нив, па нејзиниот син Фреди (10) и ќерката Клео (3) нема да ги видиме наскоро на екраните. Кристина Ричи неодамна се појави во емисијата „Денес“ и изјави дека Фреди е чест гостин на снимањето на серијата „Жолти јакни“ во која таа ја толкува улогата на Мисти, па дури има и свое посебно столче на кое седи додека го гледа снимањето.
-Секогаш кога е на снимањето, ме прашува дали може да биде дете актер. А јас велам: „Па, кој ќе те однесе на работа. Кој ќе оди со тебе?“ – рекла Ричи.
-Мислам дека тој би бил навистина добар актер. Многу е добар во тоа да ме измами или да ме наговори за нешто! – додала актерката.
Инаку, Кристина Ричи не е љубител на детската слава и нема проблем тоа да го каже јасно и гласно. Во 2019 година за „Њујорк пост“ изјавила дека верува оти е злоупотреба на детето да се направи славно.
-Кога ќе стане возрасен, кога ќе учи и ќе сфати дека тоа е форма на уметност, тогаш може да продолжи со актерска кариера ако сака – објаснила таа.
И таа има целосно право да зборува за тоа како е да се биде дете ѕвезда. Ричи имаше 9 години кога го направи своето филмско деби во 1990 година во филмот „Сирени“.
-Имаме милиони примери зошто тоа не е добро за децата. Нема да ризикувам. Зошто за тоа би го дале најскапоценото нешто во животот? – рекла таа.
Ричи го има синот Фреди со поранешниот сопруг, филмскиот продуцент Џејмс Хердеген, додека ќерката Клео со фризерот Марк Хемптон, со кој е во брак од 2021 година.
Автор: Наташа Крстичевиќ