Фросина Денкова-Зафировска, психолог

Фросина Денкова-Зафировска, психолог

е-пошта: frosinadenkova@gmail.com
тел: 071 200-105

Повеќе од авторот

Семејните ритуали се од исклучително значење за секое семејство. Тие претставуваат збир на однесувања и активности кои се повторуваат и имаат симболично значење. Семејните ритуали се начин на кој семејството укажува: „Ова сме ние, работите што ги сакаме, она што како семејство го вреднуваме и почитуваме“. Со други зборови, преку ритуалите семејството ги пренесува трансгенерациските (од генерација на генерација) семејни вредности, семејната историја и култура.

Семејните ритуали се случуваат помеѓу сите или некои членови на семејството и му даваат посебен белег на секое семејство. Тие го градат и го јакнат семејниот идентитет и чувството на припадност во семејството, овозможуваат членовите на семејството да се чувствуваат добро, сигурно и сакано во својата примарна средина. Истовремено, ритуалите имаат извонредна моќ да ги зближат членовите на семејството доколку умешно и со многу љубов се практикуваат.

Семејниот ручек во текот на викендот не треба да биде време во кое се воспитуваат децата, се караат за направените грешки и пропусти, се критикуваат и советуваат

Кога велиме семеен ритуал, обично помислуваме на начинот на кој семејството ги слави големите верски празници, родендените и другите значајни настани. Поголемиот број од семејните ритуали се наследени од семејствата од кои потекнуваат родителите, од прабабите и прадедовците. Но, ритуалите се многу повеќе од тоа. Ритуалите се однесуваат на начинот на кој семејството ги поминува викендите, начинот на кој се подготвуваат семејните оброци, како и на активности кои никој освен членовите на семејството не ги знае и разбира. Овие активности се однесуваат на специјалните игри во попладневните часови, на измислувањето приказни за добра ноќ, на играњето криенка во супермаркетот, на пеењето во автомобил и ред други активности што се специфични за секое семејство.

Позитивни мисли во малите главички

Со помош на ритуалите се креира емотивниот тон на семејната приказна и затоа е корисно тие да се практикуваат, негуваат и почитуваат. Но, исто така, многу е важно тие да будат позитивни мисли во малите детски главички, да бидат симбол за релаксирано време, различно од секојдневните стресни настани за мама и тато. Така, семејниот ручек во текот на викендот (кој можеби е и единственото време во текот на неделата кога сите членови на семејството се заедно), не треба да биде време во кое се воспитуваат децата, се караат за направените грешки и пропусти, се критикуваат и советуваат. Тоа време треба да се искористи за убави разговори, споделување љубов и позитивни емоции. Само така ќе имаат смисла за семејството, а сите членови ќе сакаат да ги повторуваат уште повеќе и да им ги пренесуваат на следните генерации.

Од друга страна, ритуалите им помагаат на децата полесно да се адаптираат во нови и непознати ситуации. Така, на пример, доколку раскажувањето приказна или пеењето приспивна песничка е нешто што претставува ритуал пред спиење секоја вечер, тоа ќе му помогне на детето кога првпат ќе мора да заспие со некој друг, без мама и тато. Самиот ритуал, раскажувањето приказна, пеењето песничка, ќе го смири и ќе биде поспокојно.

Натпревари, кафе, приказни…

Родителите можат да имаат максимална слобода да ги смислуваат и креираат семејните ритуали. Притоа, можат да ги земат предвид и специфичните интереси и способности што ги имаат членовите на семејството. Доколку сакаат спорт, редовното одење на тренинзите или натпреварите на локалниот кошаркарски клуб заедно со своето дете е одличен ритуал за нив. Истовремено, преку овој ритуал ќе му ја пренесат на детето и љубовта кон спортот. Ритуал може да биде и пиењето кафе со малите госпоѓици, а како тема секој да си раскаже до најситен детаљ како го поминал својот ден на работа или во градинка/училиште. Ритуалите можат да бидат и сите смислени семејни правила за различни семејни активности, како и специфичниот семеен јазик преку кој тие ќе се комуницираат.

Затоа, убаво е барем еднаш месечно да поминете интересно и креативно време со детето, време за практикување на некој семеен ритуал. Да се осмисли специфична активност која ќе биде карактеристична само за нив и во која ќе поминуваат прекрасни заеднички мигови. Интересен ритуал може да стане и која било секојдневна активност, ако се направи позабавна, интересна, специфична за семејството, на пример, натпревар во завршување на утринските активности или подготовка за одење во градинка или училиште преку песна и забава.

Доколку раскажувањето приказна или пеењето приспивна песничка е нешто што претставува ритуал пред спиење секоја вечер, тоа ќе му помогне на детето кога првпат ќе мора да заспие со некој друг, без мама и тато. Самиот ритуал, раскажувањето приказна, пеењето песничка, ќе го смири и ќе биде поспокојно



912

X