Применете креативен пристап за да ги заинтересирате децата за читање. Авторката на литература за деца Алис Квиперс има одлични совети како да ги охрабрите децата да читаат.
1. Лов на богатство – организирајте лов на богатство, а богатството нека биде книгата. Оставете траги низ вашиот дом што ќе водат до богатството, кое е скриено на најмалку очекувано место. Ако се одлучите сериозно да се посветите на тоа, можете трагите да ги смислите така што ќе се однесуваат на приказната од книгата. Магијата на откривање на книгите на самиот крај од ловењето ќе им покаже на децата колку се вредни книгите.
2. Обрнете внимание на писателите – ако вашето дете сака одреден писател, следете ги неговите активности за заедно да го збогатите искуството – многу автори и издавачи имаат одлични веб-страници за игри, подароци, разни активности и одговори на прашањата од книгите. А можете и да го охрабрите вашето дете да му напише писмо на писателот. Никогаш не се знае, може и да одговори на писмото.
3. Секаде носете книга – следниот пат кога заедно ќе се возите со јавен превоз или додека чекате на доктор, земете книга што ќе ја читате со детето. Тоа е многу покорисен начин да го поминете времето отколку да го оставите детето да гледа на мобилен.
4. Не ограничувајте се само на книги – графичките романи и стрипови за децата можат да бидат многу привлечни. Однесете ги во продавница за стрипови или уште подобро, одете на некој саем ако сте во можност.
5. Дозволете им сами да го изградат сопствениот вкус – прифатете дека вашите деца имаат различен вкус кога станува збор за книгите.
6. Немојте да ги форсирате децата – мојот најмал син има 16 месеци и повеќе би сакал да ги џвака книгите отколку да ги чита. Кога им читаме на постарите деца, им дозволуваме да трчкаат и да се качуваат, а потоа тие привремено седнуваат и вртат понекоја страница. Читањето е несомнено добро за децата, но до тоа треба да дојдат сами на свој начин.
7. Читајте вие – истражувањата покажуваат дека најдобар начин вашето дете да го заинтересирате за читање е вие да читате. Да, тоа значи дека ви е дозволено да легнете на каучот со книга в раце наместо да собирате коцки по подот и да градите уште една кула.
8. Напишете книга – почнете со пишување веднаш. На интернет постојат веб-страници на кои вашето дете и вие можете да напишете сопствена приказна така што ќе ги изберете илустрациите. Дури може подоцна да ја испечатите таа книга.
9. Вклучете се – распрашајте се за книжевните случувања во вашиот град. Одете на саеми за книги, посетувајте книжарници, потпишувања на книги, промоции на книги. Пробудете ја возбудата кај вашето дете.
10. Понудете книги наместо благи – нека има книги насекаде низ домот. Секогаш имајте книги во вашата чанта. Ако вашето дете е нерасположено и ве влече за фустан, извадете книга. Можеби нема секогаш да биде тоа што ќе го сака, но секое одвлекување на вниманието е добредојдено.
11. Купувајте книги заедно – мојата тинејџерка и јас обожаваме да излеземе на кафе, а потоа да одиме во книжарница. За нас тоа се посебни моменти.
12. Подарувајте книги – книгите се спомени што никогаш не излегуваат од мода како играчките или облеката. Купете книга и подарете ја или, пак, земете ваучер од книжарница за славеникот сам да избере подарок.
13. Посетувајте ги библиотеките – јасно е, библиотеките се преполни со книги, но тие можат да бидат и место каде што ќе се впуштите и во други активности со вашето дете.
14. Опуштено – доколку инсистирате вашето дете да чита, тоа ќе се спротивстави. Ако сте опуштени, трпеливи и ако му ја препуштите одлуката и му обезбедите доволен број книги, веројатно само ќе почне да ги чита.
Автор: Алис Квиперс