Доаѓањето на нов член во семејството е голема промена за сите, особено за детето кое ќе добие брат или сестра. Постојат повеќе начини на кои на детето можете да му ја кажете таа вест, но најдобро е тоа да го направите на начин кој најмногу одговара на неговата возраст. Секогаш користете едноставен и директен речник, а важно е постојано да разговарате за доаѓањето на приновата во семејството.

Дете на возраст помеѓу 2 и 3 години

Куклите се идеална помош! Со детето е најважно да се разговара на оваа тема, а притоа можете да користите и различни реквизити кои се приспособени на неговата возраст, на пример, куклите. Кога се во прашање помладите деца, користете ги нивните кукли за да им објасните дека мајката во стомакот има вистинско бебе. Куклите се одличен начин за покренување разговор.

Користете видеозаписи

Малите деца многу добро реагираат на визуелни алатки, па гледањето видеозаписи согласно нивната возраст е уште еден ефикасен начин да им кажете дека ќе добијат брат или сестра. Постојат повеќе одлични образовни и забавни видеозаписи кои може да ви помогнат. Само морате да бидете подготвени да одговорите на прашањата кои вашето дете ќе ви ги постави.

Кажете му додека читате книга

Читањето книги е еден од најдобрите начини за најавата на среќни вести и почеток на разговорот за доаѓање принова во семејството, особено кога детето почнува да ги изострува своите вештини за рано читање. По четвртата година на вашето дете можете да му дадете повеќе информации отколку што би му дале на двегодишно или тригодишно дете. Купете книга во која се зборува за тоа како е да се биде поголем брат или сестра. Завиткајте ја во украсна хартија и подарете му ја детето.

Фотографии

Гледањето фотографии од албумите што сте ги направиле додека вашето постаро дете било бебе е одличен начин да го подготвите за доаѓањето на новороденчето. Разговарајте со детето за тоа како сте се чувствувале додека сте го носеле во стомакот, а како сега кога има второ дете. Можете да го поттикнете и да ви помогне да направите нов фотоалбум со фотографии на кои сте бремени, цртежи кои се инспирирани од бебиња и сè друго што има врска со бременоста. На тој начин детето ќе се чувствува вклучено.

Покажете му го трудничкиот стомак

Трудничкиот стомак нека говори сам за себе – често тоа е најпрактичен начин за споделување вести. Донесете семејна одлука за тоа кога ќе му кажете на детето дека сте бремени. Можеби е паметно да се почека да помине првото тримесечје, односно опасноста од спонтан абортус и времето кога стомакот почнува да се гледа. Но, ако страдате од утрински мачнини и детето ве прашува што ви е, треба да му ја кажете вистината.

Дете на возраст помеѓу 7 и 10 години

Одете во зоолошка градина

Тоа е идеален амбиент за почеток на разговорот за доаѓањето на новото дете. Испланирајте посета и разговарајте со детето за бебињата животни, како малите патки, панди или малите жирафи. Можете да разговарате и за тоа како бебето патка ќе порасне во голема патка, како почеток на разговорот за сопствената бременост.

Маица со натпис

Изненадете го своето дете со маица на која пишува „постара сестра/брат“ – тоа е уште еден забавен начин на кој со својот син или ќерка можете да ја споделите таа вест. Пред сè, размислете дали вашето дете би сакало така да го изненадите. Она што би можело да биде добро за едно дете не мора да биде добро за друго, па во такви ситуации секогаш мора да бидете подготвени за прашања. Можеби вашето дете нема да сака брат или сестра, па бидете подготвени и на разговор за неговите чувства.

Однесете го детето на лекар кога одите на ултразвук

Можноста со мајката да го посети лекарот, да може да види како работи ултразвукот или да ги слушне отчукувањата на бебешкото срце – тоа е доживување за секое дете што долго ќе го памети. Уште ако лекарот одговори на сите негови прашања, тоа е дополнително едукативно искуство. Задолжително разговарајте со детето пред да го одведете во ординацијата. Кажете му каде одите и зошто, и што ве очекува таму. Внимавајте да не го исплашите, да не помисли дека сте болни.

Автор: Ивана Калоѓера

Извор



912

X