Кејти Еборал од Англија, мајка на две деца, смислила начин како да не им кажува „не“ на своите деца кога ќе побараат да направат нешто надвор од домот додека трае пандемијата со коронавирусот. Таа креирала семејна тегла со желби, заедно со нејзиниот сопруг Кевин и нивните деца Макс (4) и Евија (2).

Кога дечињата побарале да одат во зоолошка или да посетат другарче, наместо да ги одбие, Кејти им рекла на Макс и Евија да ја запишат активноста на лист хартија. Потоа листот го ставиле во теглата со желби, која ќе ја отворат кога мерките за останување дома во нивниот град ќе бидат укинати или намалени.

Според Еборал, целта е да ги завршат сите активности што ги сакаат кога ќе помине овој период на седење дома.

– Бидејќи моите деца се мали, не сфаќаат што се случува во моментот. Сè што знаат е дека им велиме „не“ за многу работи кои во нормални услови не би биле проблем, па целата ситуација е збунувачка за нив – вели Кејти.

фото: Facebook/Katie Eborall

– Теглата со желби ни помогна наместо да им велиме „не“ кога ќе посакаат нешто, да им одговараме со: „Тоа би било прекрасно. Не можеме денес, но зошто не ја запишете таа активност на лист и не го ставите во теглата. Да се обидеме да не бидеме премногу тажни и да гледаме напред кон времето кога повторно ќе може да ги извршуваме“ – раскажува Кејти.

фото: Facebook/Katie Eborall

Таа ја објавила оваа практика на „Фејсбук“, па објавата станала вирална. Исто така, почнала блог каде што го објаснува распоредот на семејните активности и креира спомени од ова уникатно време во историјата за нејзините мали деца.

– Не сакам да ги заборавам сите оние нешта што ми дојдоа како идеи во овој период. Опасноста е што ќе се вратиме на нормалниот живот кога ова ќе заврши како ништо да не било. Добро е ако сите извлечеме нешто позитивно – вели Кејти.

Таа додава дека теглата на почетокот била полна со „работи што ги земаме здраво за готово“ во животот, како одењето во парк и посетата на бабите и дедовците, правењето кула од песок…

– Сега желбите се работи што во следните неколку месеци нема да можеме да ги правиме, како и некои работи што секогаш сме велеле дека ќе ги направиме, а не сме стигнале. Ова е начин да ги цениме сите мали работи во животот на крајот од оваа ситуација, но и некаков вид ветување дека ќе ги реализираме и ќе го искористиме животот најдобро што можеме – вели Кејти.

фото: Facebook/Katie Eborall

На „Фејсбук“ Кејти напишала:

„Започнавме нова активност во нашиот дом и го споделувам ова ако некој сака истото да го практикува. Секојпат кога ќе посакаме да направиме нешто или да одиме некаде, да се почестиме, да видиме некој што го сакаме, да посетиме ново место, да поканиме гости, ја пишуваме желбата на лист хартија и го ставаме во тегла. Кога сето ова ќе заврши, ќе ги извадиме желбите од теглата и ќе бидеме благодарни за секоја малечка и значајна работа во нашиот живот. Дотогаш, се надеваме дека ќе уживаме гледајќи како теглата се полни со многу магични работи што едвај чекаме да ги исполниме“.


Автор: Кејти Кинделан

Извор:  Abc News



912

X