Девојче од 12 години примило предупредување од даночната управа дека не пријавило приход за изминатата година, додека на другиот дел од градот момче од две години е цел на собирачи на долгови бидејќи на картичката е во минус повеќе од 15 илјади долари.

– Не се работи за нова епизода од некоја фантастична серија, туку за реални животни ситуации. А токму во пандемијата децата се поранливи од кога и да е – тврди експертот за сајбер-безбедност Адам Левин, основач на компанијата „Сајберскаут“.

Еве како онлајн-однесувањето доведува до ризик

Кога училиштата се затворени, децата почесто се онлајн од вообичаено. Се дружат на социјалните платформи или комуницираат преку „Зум“. А тоа значи дека многу е полесно да го „кликнат“ погрешниот линк. „Самиот факт дека кликнале на линк може да значи ризик дека ќе се инсталира штетен софтвер кој ќе ги загрози нив и нивното семејство. Кога хакерите имаат пристап до семејниот компјутер, не е тешко да се соберат чувствителни информации“, вели Левин.

Измамниците, исто така, сметаат на детската наивност. Така, на пример, децата на возраст од 12 години на „Снепчет“ може да имаат толку многу пријатели што е тешко да се разликува кои од нив не ги запознале. „Можат да мислат дека разговараат со некој што го познаваат, а всушност немаат поим кој е од другата страна. А тој соговорник може од нив да бара многу чувствителни информации кои ќе го компромитираат идентитетот на детето“, вели тој. Но, родителите сепак не се целосно немоќни. Она што прво треба да го направат е да инсталираат силна антивирусна програма.

Децата се почести жртви

Статистиката покажува дека за 51 пат е поверојатно дека децата ќе станат жртви на кражба на идентитетот отколку возрасните луѓе. Тоа се резултати од студијата на лабораторијата „Карнеги Мелонс Сајлеб“. Малолетниците се жртви од 2 причини: зашто немаат кредитна историја, а другата причина е затоа што никој не гледа. „Повеќето родители на мали деца не им ги даваат кредитните картички. Повеќето деца нема да земаат кредит на возраст од 10 години. Тоа значи дека никој нема да проверува дали постои кредитно барање на дете од таа возраст“, вели Левин.

А сè што им треба на измамниците во САД е бројот од социјалното осигурување на детето за да отворат сметка во банка и да земат картичка, да се пријават за кредит и дури и да изнајмат стан. Од децата што  ги следеле научниците во студијата „Карнеги Мелонс Сајлеб“ дури 10 отсто имале број од социјалното осигурување кој го користел некој друг. Во повеќето случаи никој не е ниту свесен за кражбата на идентитетот на детето, додека тоа не порасне и не се пријави за студентски кредит или наем на стан. Замислете го бруталното будење кога на 18 години дознавате дека веќе имате кредитна историја долга 10 години и дека сте во долгови. А уште полошо е ако откриете дека токму вашиот родител ви го украл идентитетот.

Превенција

Што ако сте презеле сè за да го заштитите своето дете, но опасноста и понатаму демне во вашето семејство? Замислите очаен родител кој е во долгови, а малку му е потребно за да го искористи идентитетот на детето за да дојде до уште пари? Звучи грозно, но и тоа се случува. „Кога такво нешто се случува во едно семејство, постои голема веројатност дека детето никогаш нема да ги пријави родителите во полиција. Познавам луѓе што попрво би банкротирале отколку да ги пријават родителите за кражба на идентитетот“, вели Левин, кој се сеќава на приказна од познајник чиј татко му го украл идентитетот и на картичката направил долг од речиси 180 илјади долари. „Кога се открила вистината, тој отишол кај татко му и му рекол дека тоа мора да го поправи. А таткото му му возвратил дека може да си го дозволи тоа. „Што ќе направиш? Јас сум ти татко“, му рекол на својот син – се присетува Левин.

Секој може да забележи сигнал кој ќе предупреди дека нешто не е во ред. На пример, ве одбиле за државна поддршка бидејќи вашето дете веќе ја прима истата, или на име на детето добивате предупредувања за неплатени сметки. Не чекајте да ви падне в скут предупредување за кражба на идентитет, особено ако сте се разделиле од другиот родител на детето или член на семејството за кој се сомневате дека би бил способен за такво злодело. Ако сте свесни за измамата, пријавете ја. Заштитете се и така оневозможете подигнување кредит на име на детето до неговото полнолетство. Најпрво обезбедете антивирусна програма на компјутерот, со цел да ги намалите ризиците од онлајн-измама. Потребни се голем број чекори и внимателност за да се заштити идентитетот на децата од очите на измамниците.

Автор: Кристин Соломон

Извор



912

X