Фу ху ху ху… Така уникатно се смее злиот цар, непријателот на кралот Едвин, секогаш кога ќе науми или ќе стори некое зло. Море, и без причина! И јас сега се смеам така за да го исмејам неговиот неуспешен обид да го порази доброто (олицетворено во кралот Светкошорц).
Деновиве ја прочитав првата книга од серијалот „Кралот Светкошорц“ и толку се смеев што устата уште ми стои оптегната, не можам да си ја вратам во нормала. Сигурно им изгледам чудно на луѓето штом ме прашуваат што ми се случило. Па им кажувам дека ми се случила една пресмешна и презабавна книга, за еден крал-момче, љубител на чоколада и сосед на најужасниот човек во универзумот – царот Нурбисон.
Едвин не е обично момче, затоа што носи круна со три помали крунички на секој забец засебно и има свое кралство – Едвинленд. Како што ви кажав, Едвин е зависник од чоколадо и својот џепарлак го троши исклучиво на купување на секакви чоколадни форми од чоколадо со вкус на чоколадо. Исто така, секој петок (па дури и во понеделниците), на своите поданици од кралството – селаните, со помош на неговиот изум – машината Ф.Л.И.Н.З.Е.К. им го разделува тоа изобилство од чоколада. Тој е малку расипник и трошаџија, за што често го прекорува министерката Џил. Поради таа негова особина, кралството му запаѓа во голема неволја.
Злиот Нурбисон се полакомува за Едвинленд и успева да ја искористи разочараноста на селаните на Едвин што не ги добија своите чоколада (зашто Едвин ги потрошил сите пари од касичката-прасе, инаку банката на кралството). Тој ги убедува да го симнат Едвин од тронот и да го прогласат Нурбисон за нивен владетел. Така и бидува…
Во чест на освојувањето на територијата, Нурбисон ги кани сите зли владетели од светот на голема гозба, а таму, маскиран и непрепознатлив, доаѓа и Едвин со својата верна придружба – министерката Џил и дворскиот шут Меган.
Откако ви открив како завршува приказната, ќе ви ги премолчам најјаките делови. Можеби приказната ви изгледа веќе видена, ама нов е начинот на кој е раскажана. Само да видите какви смешки и сплетки се случуваат. Па и цртежите, кои често се позборлести од самите зборови… Книже за мерак!
912