Замислете, царот Нурбисон реши да биде добар и да го замени своето злобно смеење фу ху ху ху со скви хи хи хи!!! Дали ви е за верување? И Кралот Едвин малку се сомнева, но не му е чудно човек да посака да се промени, затоа не се заморува многу со такви скокотливи мисли.
– Е, а што го натера Нурбисон да се прикаже како добар? – Средбата со една кукла од неговото детство, кога оди во посета на мајка си, злобната царица Вероника. Арно ама, царот за целото тоа време не знае дека токму Куклерина (така се вика куклата) е магична… сознание што му ги вклучува мозочните светилки. Да, де, оние што се користат за осветлување на генијални идеи.
Па така, новиот цар Нурбисон, преку својот весник „Нурбисонија тајмс“, ги известува селаните од соседен Едвинленд дека на границата со Нурбисонија се отвора ооооогромна продавница за играчки. Нормално, таму се создава невидена еуфорија, а најсреќен од сите е шутот Меган, најдобрата другарка на Кралот Едвин. Само малку пред тоа таа и Едвин си играа суперхерои со самоделски маски. Таа беше Громула, а тој Ајкулор. И многу беа среќни. Но, со отворањето на продавницата Меган почна да му станува многу чудна на другар ѝ Едвин. Нешто што него многу го загрижува…
Сега, сигурно ве интересира какви се играчките во продавницата на Нурбисон… Ни помалку ни повеќе – сите се Нурбисони во смалена верзија. И имате: Нурбисон Класик, Нурбисон нуркач во длабоко, Готвач Нурбисон, Фанки Нурбисон, Каубојка Нурбисон, Истражувач Нурбисон и… Принцеза Нурбисон. Баш таа си ја одбра Меган. Малку подоцна, токму таа кукла ќе биде причина Едвин и Меган многу да се скараат и да си изнакажат триста погрдни зборови.
Арно ама, Нурбисон добрината ја чувствува како краста што толку го чеша, така што може да го види и некој марсовец од Марс, колку впрочем не ја поднесува. Всушност, сите верзии на Нурбисон се неговата мала армија за освојување на Едвинленд – никогаш прежалената идеја на злобниот цар. За волја на вистината, малку се зафркнал зашто магичните кукли за свој шеф ја избраа Принцезата Нурбисон.
Потоа следува една мнооогу интересна приказна, што, се разбира, нема да ви ја кажам, зашто Кралот Едвин ми се закани дека и мене многу ќе ми се налути и нема никогаш повеќе да ме забавува со своите досетки. Не би сакала да го изгубам Едвин како другар.
Еј, чекај! А што се случи со Едвин и Меган? Се смирија? Јас мислам дека го знам одговорот, ама и тука ми се врзани рацете и не смеам да зуцнам ни збор.
А царот Нурбисон, дали научи нешто од својата бескорисна злоба? Односно, од добрината на тие околу него?
Министерката Џил не ја споменавме, но, всушност, таа ја има главната порака во овој трет дел од серијалот за Кралот Светкошорц.
Пред вас имате книга лапни-голтни, или касни-порасни. Во секој случај, ќе ве остави ненаситни за нови читателски авантури.



912

X