Да не помисливте дека кралот Едвин, познат и како Светкошорц, се задоволил со надмудрувањето на злиот цар Нурбисон, во приказната што ви ја подраскажав минатата среда? Или, пак, дека лошкото Нурбисон се помирил со тоа? Не, не. И во двајцата има толку многу енергија за докажување кој е подобар и поголем владетел (што е парадокс, зашто Нурбисон не сака да биде најдобриот, туку најлошиот цар за кој воопшто чула планетата Земја!).

И ете ги овие двајца повторно во акција…

Во Едвинленд избезумен влетува жител на Дивината на Кронг, пелтечи, одвај се разбира што сака да каже. Објаснува со раце, со нозе и на крај успева да изусти дека по сто години длабок сон, се разбудило страшното чудовиште Вулит со многу очи, гладно и луто, и јаде сè пред себе. И бидејќи Едвин сака да се докаже како вистински возрасен крал, одлучува да се пресмета со чудовиштето, еден на еден, во ферка.

Арно ама, на сцена стапува и неговиот соперник Нурбисон. Тој му памети на Едвин за посрамотувањето пред целиот зол свет и сметките мора да се израмнат. Нурбисон „му ја фрла ракавицата“ за двобој на Кралот Едвин… како во старите времиња… на коњ, со копја, со сите нишани. И Нурбисон не би бил Нурбисон да не скова нешто подло. Така и овој пат. Намерно го губи двобојот за да го фати Едвин во замка…

Како победник, кралот на Едвинленд тргнува во спасувачка мисија во Дивината на Кронг, со една од најстарите мапи на тоа подрачје, што ја добива од Нурбисон како награда за победата во двобојот. Но, му текнува дека Нурбисон прави сомнителна гримаса кога му ја врачува мапата, што ќе се покаже како доцна откриен факт за поставената замка. Сега веќе кралот Едвин и неговата верна придружба се во голема неволја. Околу нив скокаат огнени жаби, а при еден таков скок настрадува веѓата на кралот (но не е страшно зашто успева да си ја коригира доцртувајќи ја со фломастер).

Ама ни нашиот добар крал не е за потценување. Тој е вистинско текнувало и целата неповолна ситуација успева да ја сврти во своја корист…

Туку, доста ви расприкажав… Ако сакате да разберете како завршува оваа епизода од авантурите на кралот Едвин, веднаш да си ја прочитате книгата „Кралот Светкошорц и чудовиштето од Кронг“ и да видите на крајот кој што научил од сите тие настани. Зашто, секоја авантура завршува со наравоучение; а секоја прочитана книга резултира со умни и мудри луѓе. Од кај знаете дека некогаш нема да ви затреба некој поучен совет или некоја комична ситуација, кога ќе се најдете пред нешто што ви се чини страшно ко чудовиштето од Кронг?! Ете, јас научив дека ќе ги победам сите сили што ќе ми се испречат во намерата да читам вакви прекрасни книги 😀



912

X