Од регистрирањето на првиот заразен со коронавирус заклучно со 28 јуни годинава во Институтот за јавно здравје – ИЈЗ се пријавени вкупно 6.208 случаи на Ковид-19. Кај оние што имале симптоми на инфекција најчесто се регистрирани: температура (63,1%), кашлица (43,1%), премаленост (42,4%), треска (16,0%), главоболка (13,4%), болка во грло (13,3%) и отежнато дишење (12,6%).
Коронавирусот заразил и 280 деца до 9 години, од кои 6 биле хоспитализирани во Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле и 284 лица од 10 до 19 години.

Според местото на постојано живеење/повремен престој, случаи на Ковид-19 се регистрирани во 32 града низ државата и најголем дел се регистрирани од Скопје, Куманово и Тетово, додека највисок морталитет се регистрира во Струга, Куманово и во Прилеп. Од градовите каде што е регистриран поголем број на случаи највисок леталитет се регистрира во Струга.

Најголем број заболени се на возраст над 60 години – 1.386 (22,3%).

– Од случаите што се епидемиолошки истражени 21,3% се или биле хоспитализирани во текот на болеста, а останатите се или биле на домашно лекување, асимптоматски или со полесна клиничка слика. Од овие случаи кај 1.805 или 30,3% од дијагностицираните лица не се регистрирани симптоми на заболувањето. Од нив, 1.195 или 66,2% имале контакт со веќе потврден случај во државата. Од случаите што се епидемиолошки истражени пријавени се 61 случај кај бремени жени, од кои 15 биле хоспитализирани во текот на болеста. Дваесет и девет од овие регистрирани се асимптоматски случаи – покажуваат податоците на ИЈЗ.

Во однос на коморбидитети, од случаите што се епидемиолошки истражени кај 1.835 лица се присутни хронична/и здравствени состојби, од кои 1.222 лица имаат кардиоваскуларна болест, 524 дијабетес, 255 се со хронична белодробна болест и 355 со други хронични болести. Од хоспитализираните случаи, кај 733 се присутни коморбидитети.

Од случаите кои се епидемиолошки истражени регистрирани се 539 случаи на заболување меѓу здравствени работници.
– Регистрирани се 299 смртни случаи. Најголем број смртни случаи се регистрирани на 19 јуни 2020 година, а според недела на пријавување, во текот на 25-тата недела. Од регистрираните смртни случаи, најголем дел се на возраст над 60 години. Регистрирани се два смртни случаи кај бремени жени и еден смртен случај кај здравствен работник. Петнаесет од пријавените случаи починале во вонболнички услови, а останатите 284 починале за време на хоспитализација – информираат од ИЈЗ.



912

X