Не се знае точно на која возраст децата почнуваат да сонуваат, но дури и малите деца, кои едвај научиле да зборуваат, им кажуваат на родителите за соништата што ги сонувале – убави или страшни.
Колку и да сакате, не можете да го заштитите вашето малечко од кошмарите бидејќи нема начин да ги спречите. Сепак, постојат голем број работи што родителите можат да ги направат за да создадат смирувачка атмосфера пред спиење. И кога вашето дете има лоши соништа, многу е важно да бидете таму за да го смирите. Вашата удобност ќе му помогне побрзо да се смири, а вашата поддршка ќе го убеди да го надмине стравот во иднина.
Кога се појавуваат кошмари?
Како и повеќето соништа, кошмарите се случуваат во таа фаза на спиење кога мозокот е многу активен и ги прегледува искуствата и новите информации, со цел учење и развој на меморијата. Во овие моменти анимираните слики кои мозокот ги обработува може да изгледаат многу реални. Во оваа фаза на спиење, позната и како РЕМ-фаза, очите брзо се движат под затворените очни капаци. Кошмарите обично се појавуваат во втората половина од ноќта, кога РЕМ-интервалите се подолги.
Кога малите ќе се разбудат од кошмарот, сликите се свежи во нивните умови и заканата изгледа како реална. Затоа, нормално е да се исплашат и да им се обратат на родителите, за да ги смират и повторно да се чувствуваат безбедно. Дури кога ќе стигнат во градинка, почнуваат да сфаќаат дека тоа било само сон и дека настаните од кошмарот не се реални, ниту дека се во опасност. Но, дури и да го знаат тоа, не значи дека не можат да бидат исплашени. Дури и постарите деца се исплашени кога ќе се разбудат од кошмар и бараат утеха од мајка си.
Зошто детето има кошмари?
Никој не знае точно зошто се појавуваат кошмарите. Соништата, добри или лоши, се чини дека се начин децата да ги обработат ситуациите со кои се соочуваат, мислите и чувствата што ги имаат. Се чини дека повеќето кошмари немаат логична причина. Понекогаш, сепак, тие се појавуваат кога малечкото е под стрес или поминува низ важни промени.
Лошите соништа можат да одразуваат и настани од секојдневниот живот кои предизвикуваат вознемиреност, како што се преселување во нов дом, одење во нова градинка или училиште, раѓање на брат или сестра, но и тензии во семејството. Во некои ситуации, кошмарите се реакција на претрпената траума: смрт на некој во семејството, несреќа, природни катастрофи.
За некои деца, особено за оние со богата имагинација, читањето „хорор“ книги пред спиење или гледањето филмови на ТВ може да предизвика лоши соништа. Темите на кошмарите ги отсликуваат грижите и стравовите кои детето ги има на оваа возраст, без разлика дали се работи за агресија, потреба за независност или, напротив, страв да биде само.
Малите деца може да имаат кошмари во кои се казнети, изгубени или бркани од чудовиште или друго имагинарно суштество. Многупати кошмарот спојува делови од настаните во денот, но со застрашувачки пресврт. Иако малото дете нема да се сеќава на сите детали од сонот, некои од сликите, ликовите и работите што го исплашиле ќе останат втиснати во неговиот ум.
Како да го смирите малечкото дете кога сонува лоши соништа?
Останете со него
Вашето присуство му помага да се смири и да се чувствува безбедно кога ќе се разбуди со плачење. Едноставниот факт дека знае дека сте таму ќе го смири, бидејќи се чувствува заштитено.
Објаснете му дека тоа било само сон
Разговарајте со детето и помогнете му да разбере дека сонува и дека тоа не е нешто реално.
Утешете го
Покажете дека е во ред и не е срамно да се плаши и објаснете дека секој сонува, а понекогаш соништата можат да бидат страшни и да изгледаат реални, па затоа е природно да се плаши.
Бидете креативни
Малите деца кои имаат богата имагинација можат да се смират со креативноста. Преправајте се дека користите магичен спреј за да ги снема чудовиштата и заедно со детето проверете и уверете се дека нема никој под креветот или во плакарот, за да се смири.
Инсталирајте ноќно светло
Малку светлина во просторијата (ноќно светло, светилка во ходникот) ќе му помогне да се чувствува заштитено и да заспие. На масичката покрај креветот можете да оставите и батериска ламба со која ќе ги „избркате“ кошмарите.
Помогнете му да се врати на спиење
Ставете играчка, перница или ќебе во неговото креветче за да ја држи, пејте му или пуштете некоја смирувачка песна. Кажете му приказна или разговарајте за убави работи за кои детето би сакало да сонува. Бакнете му ја дланката и кажете му да направи тупаница и да го држи бакнежот до утрото.
Прашајте го детето што сонувало
Не треба многу да зборувате за тоа, но помага да ги пренесете стравовите на малечкото со зборови. Затоа, откако ќе се разбуди, прашајте го за кошмарот. Зборувањето за тоа (или дури и цртањето на она што го сонувало) среде бел ден, повеќе нема да изгледа толку страшно, а грдите слики ќе ја изгубат својата моќ. Друга корисна вежба е да размислувате заедно за среќниот крај на тој сон.
Кај повеќето деца кошмарите се појавуваат спорадично и не се причина за загриженост, а за нивно надминување е потребна само грижа и наклонетост од родителите. Значи, нема потреба да се возбудувате. Прашајте го докторот за совет само ако лошите соништа се чести и го лишуваат вашето дете од сон, или ако предизвикуваат емоционални проблеми или проблеми во однесувањето.
Автор: Јасна Дреновац
912