Актерката Кортни Кокс одлучила да открие сè за своите спонтани абортуси и борбата со неплодноста и за тоа да раскаже во онлајн-серијалот на „Фејсбук“ – „Девет месеци со Кортни Кокс“, кој следи 10 двојки со различни приказни за зачнувањето и бременоста.

Кортни никогаш не криела дека се бори со неплодност. Уште во 2003 година зборувала дека не може да задржи бременост поради ретка болест на крвта, па се надевала дека постапките ИВФ ќе ѝ помогнат. Во целиот тој период се снимала серијата „Пријатели“, па ѝ било исклучително тешко да ја толкува веселата Моника додека минувала низ интензивна емоционална борба со себеси, пишува Sheknows.com.

„Навистина беше тешко“, рекла за Ен-би-си. „Се сеќавам кога еднаш бев во тежок емотивен период затоа што имав спонтани абортуси, а тогаш во серијата Рејчел се породуваше. Во исто време. О, Боже, тешко беше да се глумат радост и забава.“

По серијата спонтани абортуси и цела година борба, конечно во 2004 година, со помош на ИВФ го роди девојчето Коко, два дена пред својот 40-ти роденден. И покрај емоционалната и психичка болка што ги доживеала во тој период од животот, денес е „исклучително благодарна“ и „благословена што ја има Коко“. Сега се надева дека може да помогне и можеби да ги инспирира другите луѓе што се соочуваат со тешкотии со зачнувањето.

– Ако можам да дадам малку светлина и мудрост, или надеж, се разбира дека ќе споделам сè што можам. Мислам дека тоа е важно. Во овој серијал следиме 10 различни двојки кои нè водат низ својата бременост, низ која мора да се борат со сите и со секакви пречки, па и со рак и алкохолизам. Нема што нема. Дали можеш да го задржиш детето, дали треба да го задржиш, дали сакаш да забремениш… Нема епизода во која не плачам – рекла за „Ентертејнмент тунајт“.

Серијалот на Кортни Кокс можете да го погледнете на следниов линк.



912

X