Најмал број на новозаболени има кај децата, и тоа од 0 до 9 години

Откако беше откриен во земјава до 12 јули, коронавирусот е регистриран кај 8.197 лица. Од нив 349 се деца до 9 години, а 357 се од 10 до 19 години, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје. Најзагрозени од Ковид-19 се возрасните над 60 години. Тоа го покажува и статистиката за последната недела.

Во периодот од 6 до 12 јули годинава се направени вкупно 9.995 тестирања (1.573 повеќе од периодот 29 јуни-5 јули) и се регистрирани 1.073 позитивни случаи на Ковид-19, што е за 156 случаи повеќе од претходната недела. Споредбено, процентот на позитивни од тестирани случаи е благо намален, 10,7% позитивни од тестирани за периодот 6-12 јули наспроти 10,9% за претходната недела.

Извор: ИЈЗ

– Во последните четири недели процентот на позитивни случаи од тестирани на неделно ниво бележи пад. Во периодот од 6 до 12 јули годинава се покажува значително зголемување на бројот на оздравени лица, а намалување на бројот на починати во споредба со претходната недела. Во периодот 6-12 јули регистриран е рекорден број на оздравени лица – 1.017 кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е за 404 лица или 40% повеќе од претходната недела на известување (29 јуни – 5 јули). Изминатите три недели бројот на оздравени лица расте за околу 40% на неделно ниво. Ова е важен и позитивен индикатор кој влијае врз намалувањето на бројот на активни случаи – заклучуваат од Министерството за здравство.

Новозаболени се регистрирани во 26 града, при што најголем процент на новозаболени има во Скопје (42,3%) и во Тетово (8,9%). Во 16 града во земјата, за истиот период, бројот на новопотврдени случаи е под 20.

Од новозаболените во овој период најголем процент се лица над 60 години – 22,8%, поголем број новозаболени се регистрира кај лица помеѓу 30 и 39 – 20,1%, потоа кај лица од 50 до 59 години – 19,3% и помеѓу 40 и 49 години – 18,8%. Најмал број на новозаболени има кај децата, и тоа од 0 до 9 години – 3,7%, и од 10 до 19 години – 3,3 % од вкупниот број новозаболени.

Од случаите што се епидемиолошки истражени, хоспитализирани се 114 лица или 11,5 %, што претставува намалување за 2% во споредба со претходната недела на известување, а кај 270 лица или кај 27,2% регистрирано е присуство на коморбидитети, што е за 2% повеќе од претходната недела.

Од вкупниот број епидемиолошки истражени новозаболени 42,6% имале контакт со потврден случај на Ковид-19, а 22 лица имале историја за патување во странство во минатите 14 дена.

Во периодот од 6 до 12 јули се регистрирани 36 смртни случаи, што е 10 помалку смртни случаи од претходниот период. Најголем дел од случаите се лица над 60 години, 69,4%. 35 од случаите се починати во болнички услови, а 1 надвор од болница. Кај 29 од смртните случаи (80,6%) се регистрирани претходни коморбидитети.
-Во последните три недели константно се намалува бројот на смртни исходи на Ковид-19 – велат од Министерството.

Извор: ИЈЗ

Откако беше откриен првиот случај на заболен со коронавирус во февруари, досега најголем број на заболени се на возраст над 60 години – 1.839 (22,4%). Најниска инциденца од 152,5 и 142,7 на 100.000 жители се регистрира кај деца на возраст од 0-9 и 10-19 години, каде се пријавени 349 и 357 случаи соодветно.



912

X