Мирисливите сапуни и шампони, како и парфемите во бременоста, поради хемикалиите што ги содржат, може да придонесат за порано влегување во пубертет кај девојчињата.

И студии спроведени претходно, спроведени на животни, покажале дека многубројни хемикалии негативно влијаат на хормоните, па се поврзуваат со порано влегување во пубертет. Сега такви студии се направени и тестирани и на деца и докажана е истата работа.
Станува збор за фталати кои најмногу ги има во мирисните материи, парфеми, сапуни и шампони, потоа за парабени, кои се користат како конзерванси во козметиката и во фенолите, меѓу кои е триклосан, бактерицидно средство кое веќе со децении се користи во козметичката индустрија како конзерванс. Неговата основна функција не е заштита на потрошувачите, туку заштита на производите.
Повеќето од нив во медицината се познати под називот „ендокрини дисруптори“. По својот облик и структура тие личат и ги имитираат природните хормони во телото и на тој начин ја нарушуваат функцијата на ендокриниот систем.
Загрижува информацијата дека таквите споеви се штетни и во мали количества, па потенцијалните проблеми не мора да се појават веднаш, ниту за неколку години, туку имаат кумулативен ефект, односно се таложат во ткивата со години.

Во студијата на научниците од калифорнискиот Беркли учествувале 338 деца, 179 девојчиња и 159 момчиња, чиј развој е следен од раѓањето до адолесценцијата.
Изложеноста на разни хемиски споеви научниците ја следеле со помош на анализа на урината на мајката во текот на бременоста, а потоа со анализа на урината на децата по навршени девет години.

Се покажало дека во повеќе од 90 отсто од урината собрана од децата е откриено присуство на хемиски споеви кои можат да влијаат врз концентрацијата и дејството на хормоните. Најголемо влијание на раниот почеток на пубертетот кај девојчињата имало присуството на фталатите, паребените и триклосаните во урината на мајките во текот на бременоста.
Споменатите хемикалии не влијаеле значително врз развојот на момчињата во пренаталниот период.
– Фактот дека во овој случај откривме врска помеѓу раниот пубертет кај девојчињата е загрижувачки, но добра информација е дека сега, кога го знаеме тоа, можеме да ја намалиме на минимум изложеноста на тие хемиски споеви – вели Ким Харли, директорка на Центарот за истражување на влијанието на околината врз здравјето на децата при Универзитетот Беркли и главен автор на студијата.
Потсетила е дека употребата на триклосанот во изработката на антибактериски сапуни во САД е забранета, но се уште го има во пастата за заби. Повикува да се внимава при купувањето на таквите производи и да се читаат декларациите.



912

X