Сѐ поголемата популарност на нежното родителство доведе до нов термин во родителството – корегулација. Тоа се однесува на возрасен човек кој му помага на детето да ги смири сопствените емоции при стресен настан. Нежното родителство бара од родителите корегулација, што значи покажување емпатија и смиреност. Според детските психолози, децата кои можат подобро да се справат со своите емоции имаат поголема веројатност да бидат издржливи и да успеат во стресни средини.
Корегулацијата се приспособува на нивото на развој на детето, објаснува детскиот психолог Мона Делахук.
– Способноста да се прифатат разочарувањето и неправдата е многу долг развоен процес што повеќето деца го немаат додека не пораснат – истакнала Делахук.
Ако нашите деца се налутат што не им е дозволено да нарачаат десерт во ресторан, може да изгледа како да се неблагодарни или дрски. Меѓутоа, она што всушност се случува е дека тие сè уште немаат вештини да се справат со разочарувањето.
Детскиот психолог споделува три совети кои можат да им помогнат на родителите да практикуваат корегулација.
Прво смирете се
За да им помогнеме на нашите деца да се саморегулираат, тоа мора да го направиме и ние самите, изјави психологот Ализа Пресман. Децата „го позајмуваат нашиот нервен систем“, вели Пресман. Без разлика дали управуваме со нашето однесување или не, децата ќе го следат нашиот пример.
Пред да реагираме на фрустрирачка ситуација, треба да земеме здив и смирено да одговориме.
– Сѐ додека вашите деца не ги брка мечка, можете да застанете и да одлучите како сакате да одговорите. Со тоа им помагате да развијат саморегулација – објаснува Пресман.
Пристапете им на децата со мирен тон
Ако викаме и изгледаме луто, тоа често ги зголемува емоциите кај децата.
– Наместо само да заминете или да ги опоменувате за нивната реакција, одвојте неколку минути за корегулација и користете ги гласот, изразот на лицето и емоциите за да покажете нежен, грижлив пристап – советува Делахук.
Тоа може да значи користење смирувачки тон или омекнување на изразите на лицето за да покажеме дека нашето расположение е стабилно.
Признајте ги нивните емоции, а потоа повторно поставете ја границата или правилото
Препознавањето и именувањето на чувствата на децата може да им помогне да почнат да се саморегулираат.
Делахук тврди: „Кога разочарувањето добива сочувствително внимание, одговорот на стресот на мозокот и телото на детето се намалува. Внимателното присуство на возрасен го менува начинот на кој реагираат телото и мозокот на стресот.

Сепак, важно е да се забележи дека целта на корегулацијата е да се смири детето. Тоа не значи попуштање пред неговите барања.
На пример, можеме да кажеме: „Десертот е многу вкусен и разбирам зошто го сакате, но нема да го јадеме вечерва“ или „Знам дека е тешко будењето за на училиште и знам дека си уморен, но мораш да станеш од кревет“.
– Можете да бидете цврсти, да поставувате граници и ограничувања, но и да обезбедите емоционална сигурност во исто време – заклучува Делахук.