Воспитување

„Копање“ на носот, немиење раце… како да ги искорените штетните навики на децата

Дали вашето дете има навика постојано да го „копа“ носот? Дали ги грицка ноктите? Децата на возраст од околу 3 години се склони на такво однесување, но тоа не значи дека не може да се интервенира и да се промени…

„Копање“ на носот

Зошто е штетно? Иако таа активност е многу грда за гледање, знајте дека од тоа детето нема да се разболи. Меѓутоа, бидејќи мукозните мембрани на носот остануваат иритирани и често оштетени поради постојаното грепкање, раните што се формираат се одлична основа за населување на штетните бактерии кои можат да предизвикаат инфекција.

Како да се искорени оваа навика? Со привлекување внимание на нешто друго! Веднаш штом ќе забележите дека вашето дете го чепка носот, понудете му подобра забава: дајте му интересна сликовница или играчка – што било при кое ќе ги користи неговите раце. Објаснете му дека „копањето“ на носот е грдо и дека поради тоа ќе му се разболи носот. Секогаш имајте при рака марамчиња и интервенирајте веднаш штом ќе забележите дека неговата рака се движи во правец на носот.

Лошо бришење на задникот

Зошто е штетно? Конечно успеавте да се ослободите од пелените и да го научите детето да користи нокшир. Но, како што е вообичаено, кога ќе го совладаат користењето на нокшир или тоалет, децата се спротивставуваат на тоа родителите да им го бришат задникот, па сакаат сами да го направат тоа. И најчесто не го прават тоа како што треба, па задникот ги чеша. Ова е особено штетно за девојчињата, бидејќи уретрата им е пократка отколку кај момчињата, па со неправилно бришење бактериите лесно може да се пренесат во мочниот меур и да предизвикаат воспаление.

Како да се искорени оваа навика? Не спречувајте го детето само да си го избрише задникот, туку проверете дали го направило тоа правилно (тоа ќе го забележите и по трагите на долната облека). Психолозите советуваат да му ја покажете правилната техника на бришење на кукла.

Пиење од водата во која се бања

Зошто е штетно? Повеќето деца сакаат да ја пијат водата во која се бањаат. Тешко е да се објасни зошто го прават тоа, но повеќето психолози мислат дека ги привлекуваат меурчињата од сапуница. Една или две голтки нема да му наштетат, но ако детето голтне поголема количина сапун, голема е веројатноста да добие дијареја.

Како да се искорени таа навика? Внимавајте времето за бањање да биде забавно и да не му е досадно на детето. Тоа ќе го постигнете со ставање играчки во кадата (пластични патки, чинии, пластично шише). Важно е детето да се забавува додека се бања, па нема да му падне на ум да пие од водата. Дополнително, кога ќе завршите со бањањето и ќе ја исцедите водата од кадата, покажете му ја валканата трага што останува – дефинитивно ќе му го одвлече вниманието од оваа штетна навика.

Кивање и кашлање без да ја покрие устата

Зошто е штетно? Непотребно е да се каже дека многу вируси и причинители на сериозни болести се пренесуваат преку аеросоли – капки, па затоа е многу важно да го научите вашето дете уште од најмала возраст да ја покрива устата кога кива или кашла.

Како да се искорени таа навика? Со ваш пример! Ако ја покривате устата секогаш кога кашлате, вашето дете најверојатно ќе го копира вашето однесување. Дополнително, постојано потсетувајте го детето: децата од предучилишна возраст имаат „кратка“ меморија и затоа треба да им се повторуваат одредени работи додека не го усвојат посакуваното однесување.

Отстранување на гребениците

Зошто е штетно? Децата од предучилишна возраст се живи, сакаат да трчаат и да скокаат, па се случува да паднат и да добијат по некоја гребеница (најчесто на колената). Но, кога раната почнува да се суши, почнува и чешањето, па децата често ја вадат со нокти. Покрај тоа што раната може да се инфицира, честото отстранување на раните преку чешање создава лузни.

Како да се искорени таа навика? Исчистете ги сите гребеници или исеченици со средство за дезинфекција и заштитете го местото со фластер, спреј или друго соодветно средство. Купете детски лепенки со ликови од цртани филмови, па дозволете му на детето само да избере фластер со неговиот омилен лик – тогаш има помали шанси да сака да го симне.

Немиење на рацете

Зошто е штетно? Децата уживаат да си играат со песок, сакаат да прават колачи од кал, односно накратко – се валкаат на секакви начини. Тоа не треба да им се забрани, но треба да се научат да си ги мијат рацете, со сапун и вода, по секој контакт со нечистотија. Во спротивно, валканите раце доаѓаат во допир со устата и на тој начин ќе се внесат многу штетни бактерии во телото.

Како да се искорени таа навика? Не постои волшебно стапче кое ќе го научи вашето дете редовно да си ги мие рацете преку ноќ. Единствениот начин е – упорно потсетување. Бидете досадни и доследни и постојано потсетувајте го дека рацете мора да му се мијат по одење во веце, по играње, галење на миленичиња и секако пред и по јадење.

Грицкање нокти и кутикули

Зошто е штетно? Покрај тоа што кутикулата може да крвави и да се инфицира, нечистотијата останува под ноктите, па со гризење детето ќе проголта многу патогени бактерии.

Како да се искорени таа навика? Повеќето деца почнуваат да ги грицкаат ноктите од досада. Доколку не му посветите доволно внимание, а често се случува детето да е оставено само на себе, голема е веројатноста дека ќе развие штетна навика, меѓу која и грицкањето нокти. Најдобрата превенција за секого, дури и за овие штетни навики, е да се занимавате со нешто забавно и едукативно. Охрабрете го вашето дете да црта, да слика, да си игра со пластелин, да свири на ударни инструменти, да удира во тенџериња, да реди коцки… Има многу работи што можете да му ги понудите што ќе го одвратат од лошите навики и ќе го насочат кон некоја корисна и забавна активност.

Автор: Карина Шиждрак

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top