Консумацијата на екстра девственото маслиново масло во текот на бременоста и во периодот на доењето го подобрува квалитетот на мајчиното млеко, покажало истражувањето објавено во списанието „Food Chemistry“.

Маслиновото масло е богато со омега-3 и омега-6 масни киселини кои го стимулираат растот на детето. Тие дури ја минуваат плацентната бариера, подобрувајќи го развојот на детето во утробата.

– Ова е прва студија која известува за пренос на растителни соединенија на екстра девственото маслиново масло од мајката на бебето во бременоста и во периодот на доење – вели водечкиот автор на студијата, д-р Марија Родригес-Лагунас.

Наодите се засноваат на женски стаорци кои се хранеле со маслиново масло шест недели. Анализата на примероците од крв идентификувала хемиски деривати кај мајките и нивните младенчиња. Антиоксидансите наречени хидрокситирозол и тирозол ги уништуваат слободните радикали кои ја оштетуваат ДНК.

– Нашите резултати го поддржуваат тврдењето дека исхраната збогатена со екстра девствено маслиново масло може да ја промени, па дури и да ја зголеми хемиската содржина во мајчиното млеко – што има потенцијални здравствени придобивки за новороденчето – објаснува д-р Родригес-Лагунас.

Зошто екстра девственото маслиново масло?

Мајчиното млеко е најдобрата храна за доенчињата. Содржи есенцијални хранливи материи, хормони и антитела кои штитат од инфекции и метаболички болести. Доењето обезбедува и многу краткорочни и долгорочни придобивки за мајката – вклучително и намалување на ризикот од рак на дојка. Екстра девственото маслиново масло е лесно сварливо и му помага на желудникот да работи и спречува запек и грчеви. Помага во апсорпцијата на витаминот Д, кој е важен за растот на бебињата и децата бидејќи го регулира калциумот. Исто така, го промовира внесувањето на минерали кои се неопходни за зајакнување на коските и на мускулите, што на децата им дава дополнителна заштита од фрактури на коските во раните години и го намалува ризикот од остеопороза во староста.

Маслиновото масло го намалува лошиот холестерол, кој е главен придонесувач за дебелината, која го погодува секое трето дете на возраст меѓу шест и девет години. Затоа лекарите препорачуваат да се заменат животинските масти со екстра девствено маслиново масло.

Помал ризик од астма е забележан и кај деца чии мајки консумирале маслиново масло во бременоста. Откриено е дека нивните бебиња имаат поразвиен имунолошки систем и помал ризик од ринитис и алергии.

Во Хрватска, педијатрите препорачуваат употреба на маслиново масло за подготовка на цврсти оброци за бебиња над шест месеци и мали деца. Во Италија дури препорачуваат додавање маслиново масло во формулата за млеко за да се искористат сите негови придобивки, особено за бебињата што страдаат од грчеви.

Извор



912

X