Конјунктивитисот е честа заразна болест на очите. Покрај вирусите и бактериите, кои се двете најчести причинители на оваа состојба, причина може да бидат и алергените. Болеста е непријатна и многу заразна, но брзо поминува доколку се третира правилно. Сè што треба да знаете за конјунктивитисот, како може да го добие, за методите на лекување и превенција, зборува прим. м-р Џована Армано, специјалист педијатар.

Што е конјунктивитис?

Конјунктивитис е воспаление на мукозната мембрана, конјунктивата на окото. Окото притоа е црвено и отечено и има исцедок. Понекогаш и очните капаци може да бидат отечени. Детето може да има чувство на печење или чешање во окото.

Што го предизвикува?

Причините за конјунктивитис можат да бидат различни. Најзастапени се вирусите, бактериите и разните алергени од околината. Затоа, конјунктивитисот кај малите деца може да биде вирусен, бактериски или алергичен.

Кај новороденчињата и малите доенчиња, причината може да биде и стеснување на каналот за солзи, кој се наоѓа во внатрешниот агол на окото. Кога каналот е стеснет или блокиран, солзите не се излеваат, туку остануваат во окото и на нив може да се населат различни бактерии и да предизвикаат воспаление. Во тој случај не е важно само да се ставаат антибиотски капки, туку и секојдневно да се масира каналот, а во случај на повторување можно е и хируршко проширување.

Како се пренесува?

Ако е вирусен или бактериски, конјунктивитисот е многу заразен. Во групите во градинките често се јавува како епидемија. Малите деца се во близок контакт, што го фаворизира брзото ширење на инфекцијата. Ако се работи за алергиски конјунктивитис, детето обично има други алергиски тегоби, како што се ринитис, бронхитис или алергиски промени на кожата. Самиот алергиски конјунктивитис не е заразен, но поради изразеното чешање на окото, децата често ги тријат очите со раце, кои никогаш не се целосно чисти и предизвикуваат суперинфекција, без разлика дали со вирус или бактерија.

Како се лекува?

Терапијата се спроведува според типот на конјунктивитис. Антибиотските капки за очи треба да се даваат само во случај на бактериски конјунктивитис, но брисевите често не се прават во вообичаената практика, па затоа во повеќето случаи на конјунктивитис (многу црвено око кое пече и чеша со отекување на очните капаци и секреција), се препишуваат капки со антибиотици. Доколку се повтори бактерискиот конјунктивитис, добро би било да се направи брис од конјунктивата на окото за да се одреди целната терапија. Сепак, најдобро би било да се обидете да го лекувате со природни капки од растителна основа кои ги има во аптека, па доколку симптомите не исчезнат, треба да се јавите кај педијатарот.

Дали постои природен лек за лекување/ублажување на воспалението на очите?

Хигиената е многу важна. Утринско миење, испирање на очите со физиолошки раствор или билни капки. Билни капки се достапни во аптеките без рецепт и секогаш можете да започнете со третман и плакнење на очите, доколку се појават првите симптоми. Доколку симптомите се повлечат, не треба да одите кај педијатар.

Која е најдобрата превенција?

Очињата не смеат да се тријат, особено не со мрсни раце. Во градинките конјунктивитисот се шири многу брзо, па затоа капките од билки можат да бидат превентива. Алергискиот конјунктивитис треба навреме да се открие, односно да се види на што е алергично детето. Тоа се најчесто алергени за инхалација, полен од различни растенија кои се наоѓаат во природата, во одреден период. Важно е да се следи календарот за појава на полен, за родителите да можат соодветно да се ориентираат. На пример, кога очите се црвени и чешаат за време на сезоната на цветањето на брезите, детето очигледно е алергично на полен од бреза. Во овој случај, родителот самиот го „тестирал“ детето и во принцип не треба да се носи на понатамошно тестирање за алергија. Само треба да избегнувате одење во области каде што брезата расте во периодот на цветање и ќе се спречи конјунктивитисот, односно алергиското воспаление на очите.

Во случај на конјунктивитис предизвикан од алергија на одредени алергени, може да се користи антиалергичен лек (антихистамин) во форма на сируп или капки. Се разбира, сепак е важно да се избегнува природата, односно околината каде што растат растенијата на кои детето е алергично, во сезоната на цветање. За алергиски конјуктивитис постојат и специјални капки.

Автор: д-р Џована Армано/педијатар

Извор



912

X