Многу мајки истакнуваат дека забележале оти кога му зборувале на бебето, му пееле и слично, тоа реагирало и дека подоцна, кога ќе се родело, го смирувала баш таа песна што ја слушало додека било во стомакот. На бебето треба да му се посвети внимание и да му се испраќа љубов уште додека е во стомакот.

Зборувајте со бебето како да е пред вас, бидејќи и е, тука со вас, ве слуша и реагира на мајчиниот глас. Често на мајките и татковците им е непријатно да му зборуваат на бебето и не знаат што да му кажат, но треба да се опуштите и да му ги зборувате работите што ги правите – додека работите дома, се шетате, се бањате, зборувајте му на бебето што правите во моментот, колку е сакано, дека едвај чекате да пристигне, па можете и да го галите стомакот за бебето да биде спокојно и смирено во утробата.

Пејте му на бебето

Со зборувањето и пеењето бебето се навикнува на гласот на мајката и реагира на него, а кога ќе се роди тоа е првиот глас што го препознава и знае дека тоа е неговата мајка. Таткото, исто така, е важна фигура како и мајката, па кога таткото му зборува на бебето, тоа се навикнува и на неговиот глас, и кога ќе се роди, ќе го препознае, затоа совет е татковците да му зборуваат и да му пеат на бебето, како и да го галат стомакот на сопругата, да му ги пренесуваат емоциите на бебето, да покажуваат љубов кон својата партнерка, бидејќи кога мајката е среќна и сакана, и бебето ги чувствува тие емоции. Бебето чувствува емоции, расположението на мајката, сè што доживува и чувствува таа, го чувствува и бебето. Кога мајката е тажна, потиштена и нервозна, бебето го знае тоа и го чувствува, исто е и со позитивните емоции. Трудете се во текот на бременоста да воведете стадиум на среќа и задоволство, обидете се да не се нервирате, да ги намалите грижите, а да и дозволите на радоста да биде присутна кај вас.

Кога мајката е опуштена, и бебето е опуштено

Тогаш бебето најмногу се разигрува, бидејќи мајката мирува и му дава повеќе простор на бебето за неговите движења, тоа е и причина зошто бебињата се поактивни кога мајката се одмара или ноќе кога спие. Бебето во стомакот чувствува и допир. Бебето ужива кога мајката го чешка и го гали стомакот. Тоа е уште еден начин за и таткото да се вклучи во комуникацијата со бебето, галејќи го стомакот на партнерката додека истовремено му зборува на бебето. На тој начин бебето чувствува нежност и љубов. Исто така, како што го чувствува расположението на мајката, така ги препознава и вкусовите и мирисите што мајката ги чувствува и ги внесува преку храната во својот организам. Ова е уште еден вид комуникација кој се остварува со бебето додека е во утробата.

Сè што правите во бременоста претставува вид комуникација со вашето бебе, бидејќи бебето преку мајката го спознава најдобро надворешниот свет и на овој начин уште се подготвува за него. Комуникацијата со бебето додека е уште во стомакот е важна бидејќи помага мајката и таткото што подобро да се поврзат со своето дете уште пред да се роди. Сето она што го правите додека бебето е во стомакот, музиката што ја слушате, храната што ја јадете, начинот на кој разговарате, сето тоа се работи кои ќе можат најдобро да го смират вашето бебе кога ќе дојде на овој свет. Различни студии говорат и за тоа дека бебињата кога ќе се родат, го сакаат звукот на фенот или правосмукалката, дека тоа особено ги смирува и заспива бидејќи го потсетува бебето на периодот на мир и спокој, кога било на сигурно во мајчиниот стомак.

Тоа е уште еден показател дека бебињата помнат уште од периодот кога се во стомакот на мајката и тие звуци и нешта ги препознаваат и кога ќе дојдат на овој свет. Но, треба да се има на ум дека бебињата реагираат и на премногу силни звуци, дека тоа може да ги исплаши исто како што изненадувачки звук ја исплашува мајката, па бебето ќе реагира со стресување на таквите стимуланси, затоа треба да се приспособи јачината на звукот и гласот за бебето да остане мирно и спокојно. А како да знаеме дека бебето нè слуша и чувствува? Едноставно, бебето на сите дразби реагира со движење и клоцање во стомакот, па на тој начин ѝ се јавува на мајката и ја известува дека сè е во ред.

Автор: Тијана Митов

Извор



912

X