Комисијата за заразни болести при Министерство за здравство донесе нови дополнителни мерки за заштита на населението од епидемијата на морбили.
– Сите родители кои имаат деца со наполнети 6 месеци, а живеат на територијата на градот Скопје, од утре треба да се јават во најблискиот вакцинален пункт за да ги вакцинираат своите деца со МРП вакцината. Родителите пак, кои имаат деца на училишна возраст, а не се ревакцинирани или воопшто не примиле МРП вакцина, да ги вакцинираат децата, и ова се однесува за сите деца кои живеат во Македонија. Комисијата му предложи на Министерството да се почне со теренска вакцинација – информираат оттаму.

Родителите кои ќе се посомневаат дека нивните деца се заразиле со морбили, или имаат висока температура или пак веќе имаат осип на кожата во работните денови прво да ги однесат на матичен лекар. Доколку детето треба да се прегледа навечер или за време на викенд прво треба да се јават на преглед во пунктови во Здравствените домови и по проценка на лекар од пунктовите, само со упат да се насочуваат кон Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

– За да се намали притисокот од пациенти на Клиниката за детски болести и Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, граѓаните се упатуваат во трите пунктови во поликлиниките „Јане Сандански“, „Бит-пазар“ и „Ѓорче Петров“. Во овие пунктови има дежурни лекари кои работат секој работен ден од 19.30 часот до 7.30 наутро, а за викендите се на располагање 24 часа во текот на денот.

Комисијата укажува дека само со колективен имунитет, или 95 отсто вакцинирано население со МРП вакцината, ќе може да ја спречиме епидемијата и смртноста кај населението, кај најранливата категорија, децата кои воопшто не примиле вакцина поради возраста или поради некои други хронични заболувања. Сите предходни мерки кои ги донесе Комисијата сѐ уште се на сила.
-Тоа значи дека децата кои не се вакцинирани со МРП нема да се примаат во градинките, се апелира за интензивна и неодложна вакцинација на децата кои се во добро здравје за да се подигне колективниот имунитет. Да се вакцинираат сите здравствени работници кои имаат непосреден контакт со пациенти заболени од морбили. Најстрого се забранува и посета на болни во сите здравствени установи – велат од комисијата.

Досега се вакцинирани 6.276 деца само во Скопје, а пред прогласувањето на епидемијата во населбата Радишани, на 19 декември годинава, беа регистрирани околу 15 илјади невакцинирани деца со МРП вакцина.



912

X